Amina Zorniç
28 Февруари 2016•Ажурирај: 01 Март 2016
ГАИБАНДА (АА) - Жените од Бангладеш секој ден во близина на реката Jaмуна над 10 часа дневно поминуваат во сушење чили пиперки, зачински билки што се неопходен дел на многу јадења и сосови ширум светот, јавува Anadolu Agency (AA).
По бербата, десетици жени и деца ги редат чили пиперчињата на големи бетонски плочи кои секогаш мора да бидат на сонце. Од силната сончева светлина жените и децата се заштитуваат со капа или едноставно држат отворен чадор.
Бидејќи поголемиот дел од денот го поминуваат на бетонските плочи сортирајќи ги пиперчињата, на мајките им се придружуваат децата, кои сушејќи ги чили пиперчињата пишуваат домашни задачи.
Фоторепортерот на АА престојуваше во сиромашното место Гаибанда, кое е оддалечено од главниот град на Бангладеш околу 240 километри и тука го фотографираше традиционалното сушење на чили пиперки.
Инаку, ова е најсиромашното место во Бангладеш кое секоја година го зафаќаат големи поплави. Главен извор на приходи на населението е сушењето на чили пиперки.
Сепак, жените вработени во оваа област имаат ограничен или никаков пристап до пазарот и финансиите и многу скромни примања. За повеќе од 10 часа работа на ден, тие добиваат помалку од еден американски долар.
Од друга страна, чили пиперките се познати по својот лут вкус, се извезуваат и се продаваат надвор од Бангладеш по висока цена. Најлутата чили пиперка во светот е Joлокиа, а се одгледува само во Бангладеш.
Познато е дека најголеми љубители на многу лути јадења се Индијците, Виетнамците, Мексиканците и Унгарците, но чили пиперките како зачин се користат во речиси сите делови на светот.