Bayram Altuğ
10 Мај 2016•Ажурирај: 11 Мај 2016
ДАКА (АА) - Лидерот на најголемата исламистичка партија во Бангладеш Џемаат-е-Ислами, Мотиур Рахман Низами, погубен е вечерва откако судот за воени злосторства во таа земја го прогласи за виновен и го осуди на смрт, јавува Anadolu Agency (АА).
Како што потврди за АА најстариот син на Низами, Накибур Рахман, неговиот татко бил убиен вечерва во притворното одделение во Дака, каде што престојувал.
„Ние се обидуваме да останеме цврсти и силни. Немаме друг избор освен да бидеме трпеливи. Ќе продолжиме да чекориме по патот којшто тој ни го покажа. Ги повикувам сите муслимани да се молат за мојот татко“, рече Накибур Рахман.
Меѓународниот суд за воени злосторства во Бангладеш, кој го формираше актуелната влада во октомври 2014 година, Низами го прогласи за виновен за воени злосторства за време на војната за ослободување на Бангладеш во 1971 година, и го осуди на смртна казна.
Низами во 1971 година беше врховен командант на милитантната група "Ал-Бадр". Покрај прогласувањето за виновен за воени злосторства Низами во 2004 година во Индија е прогласен за виновен за шверц со оружје.
Меѓународните организации за човекови права го критикуваа споменатиот суд во Бангладеш, истакнувајќи дека тој не е доволно транспарентен и дека одбраната и сведоците на одбраната доживеале злоставување за време на судскиот процес.