НИШ (АА) – Авантуристот и професор по англиски јазик Питер Госталов од Велика Британија пред 16 години почнал да патува низ светот со велосипед и досега поминал 130.000 километри и посетил 86 земји во Африка, Азија и Европа. Екипата на Агенција Анадолија (АА) го сретна во Ниш на југот на Србија, на краток одмор за време на патувањето од мало место крај Лондон до неговата цел, Истанбул.
Пред околу два месеца, со неговиот велосипед минал низ Холандија, Германија, Чешка, Словачка, Унгарија, Романија, Србија, па преку Косово, Северна Македонија и Грција ќе стигне до Туркије. Проценува дека оваа тура е долга од пет и пол до шест и пол илјади километри.
„Сакам да патувам со велосипед бидејќи тоа е наједноставниот облик на транспорт. Ме прави да се чувствувам слободен, жив и да вежбам. Освен тоа, сакам да патувам бавно, така можете да видите и да доживеете повеќе. Тоа е добро и за животната средина и ми овозможува да комуницирам, како со луѓето што ги среќавам по пат, така и со природата“, изјави Питер за АА.
Знаел дека патувањата ќе бидат негов начин на живот откако во нив се впуштил без велосипед во 2000 и 2001 година, кога ја запознал културата на Јужна Африка, Зимбабве, Замбија, Танзанија, Малави и Мозамбик, а потоа и на Туркије, Грузија и Азербејџан. Многу време поминувал во автобуси и повремено наидувал на велосипедисти кои го инспирирале и самиот да го проба тој вид патување.

Во 2003 година се преселил во Јапонија за да предава англиски јазик, а веќе следната година со велосипед поминал 2.000 километри на островот Кјушу. Тогаш се уверил дека тоа е начинот на кој ќе патува низ светот. Оттогаш не застанал и не мисли дека ќе престане.
Тешко би можел по ред да ги изброи сите 86 земји низ коишто поминал, но за сето тоа пишува на социјалните мрежи каде го следат десетици илјади обожаватели.
„На првите патувања, во текот на првите три години, немав телефон. Се разбира, и тогаш имаше интернет, но никој немаше паметен телефон, така што не можев да ја проверам временската прогноза, па сето тоа беше уште поголем предизвик. Сега гледате сè на телефонот. Знам дали ќе врне, кога ќе се подобрат условите, така што сега сè е многу поедноставно, но физичкиот предизвик останува ист“, раскажува Питер.
Ги совладува планините, дури и во ситуации кога патот, иако исцртан како велосипедска рута на мапата, се претвора во непроодна шума, што му се случило во Романија, или пак воопшто да нема ознаки на вистинскиот пат, што му се случило во Србија. Сепак, најголемиот предизвик досега му бил возењето низ пустините. Во Сахара ги видел најубавите ноќни глетки.
„Таму е секогаш ветровито и често многу топло. Ако ветрот доаѓа одзади, тоа е одлично бидејќи не треба да вложувате голем физички напор. Меѓутоа, често доаѓа од страна или од напред и тоа е тогаш вистински предизвик“, рече Питер.
Воопшто не е заинтересиран за моторните возила.
„Го разбирам велосипедот. Ако нешто се расипе, можам да го поправам. И никогаш не се уморувам. Патувањето може да биде напорно, но на крајот секогаш се претвора во позитивно искуство. Бара да потрошам многу енергија, но исто толку енергија добивам назад“, истакна Питер.
За тоа каде и кога ќе преноќи размислува и одлучува за време на патувањето.
„Дали да спијам во шатор или да барам сместување... Интернетот за тоа многу помага, има сајтови преку кои се поврзувам со луѓе исто така заинтересирани за велосипедизмот, така што добивам гостопримство каде што патувам и стекнувам пријатели, како што е случајот сега во Ниш“, раскажа Петер.
На велосипедот тежок околу 15 килограми има исто толку и опрема. Шатор, перница, вреќа за спиење, малку летна и малку водоотпорна облека, вода, по некој десерт, основен алат и прибор за варење кафе е она што Петар го вози со себе. Вели дека не би имал што да облече доколку треба да оди во некој клуб.
„Поминав многу време патувајќи низ африканските земји и тоа ме направи навистина скромен. Сфатив дека луѓето, дури и кога немаат доволно материјални добра, сепак можат да пружат љубезност и гостопримство. И понекогаш, токму најголемото гостопримство доаѓа од оние кои имаат најмалку, тие сакаат да го поделат и тоа малку што го имаат. Бев почестен поради тоа“, вели Питер.
Тој им предавал англиски јазик на ученици во Танзанија, потоа во Саудиска Арабија, а постдипломските студии ги завршил во Танзанија и во Велика Британија.
Кога ќе погледне зад себе, сфаќа дека е еден од ретките со луксуз да има доволно слободно време за патување и е благодарен за тоа.Тоа е време за размислување, одмор и разгледување. Затоа и не ги планира рутите однапред до најмал детал. Вели дека не може да процени колку часови или денови ќе му требаат на одредено место - секогаш одвојува доволно време и му дава приоритет.
news_share_descriptionsubscription_contact


