Behlül Çetinkaya
16 Октомври 2022•Ажурирај: 17 Октомври 2022
АНКАРА (АА) – БЕХЛУЛ ЧЕТИНКАЈА -
Ковид-19 доведе до тоа околу 163 милиони луѓе да паднат под прагот на сиромаштија во 2021 година, а војната помеѓу Русија и Украина предизвика уште 71 милион луѓе да се соочат со сиромаштија, јавува Агенција Анадолија (АА).
Според информациите што ги собра АА од Светската банка и Обединетите нации (ОН), сиромашните во Јужна Азија сочинуваат половина од сиромашните во светот.
Тековното влијание на епидемијата врз економијата се рефлектира во извештаите кои укажуваат дека 143 до 163 милиони луѓе паднале под прагот на сиромаштија во 2021 година поради војните и растот на цените во светот, а Светската банка проценува дека на таа бројка ќе бидат додадени уште 75 до 95 милиони луѓе оваа година.
Конкретно, се очекува инфлацијата на храната повеќе да ги погоди сиромашните, а се проценува дека две третини од приходите по глава на жител ќе се трошат на издатоци за храна во сиромашните земји.
Светската банка свртува внимание дека соодносот на сиромашните, што планира да го намали на три отсто во 2030 година, е тешко постиглива цел според идните проекции направени пред епидемијата и дека тоа е потешка цел по епидемијата.
Според податоците на ОН, половина од светските приходи под прагот на екстремната сиромаштија се во Јужна Азија.
Сиромашните во Супсахарска Африка сочинуваат една третина од сиромашните во светот, додека бројот на сиромашни на Блискиот Исток и во Северна Африка е зголемен повеќе од двапати од оној во 2015 година.
Иако внатрешните судири во Сирија и Јемен имаа најголемо влијание на растот на бројот на сиромашни, особено на Блискиот Исток, за тоа придонесе и пандемијата на Ковид-19.
Во оваа смисла, Ковид-19 им зададе најголем удар на глобалните цели за намалување на сиромаштијата во последните 30 години.
Се очекува влијанието на руско-украинската војна врз цените на храната и енергијата да го зголеми бројот на сиромашни во светот. Според Програмата за развој на Обединетите нации (УНДП), се проценува дека околу 71 милион луѓе паднале под прагот на сиромаштија поради растот на цените на енергијата и храната.
Според извештајот на УНДП за последиците од руско-украинската војна, речиси 51 милион луѓе паднале под прагот на сиромаштија во првите три месеци од војната.
Овој развој на настаните, што го зголеми бројот на сиромашни во светот на девет отсто, исто така предизвика дневниот приход на речиси 20 милиони луѓе да падне под прагот на сиромаштија.