Cihan Demirci
27 Јули 2021•Ажурирај: 30 Јули 2021
ЕДРЕНЕ (АА) - Пандемијата на коронавирусот несомнено ги промени животите на секој од нас, па така влијаеше и на оние најрадосните моменти во нашите животи. Тоа го потврдува и случајот од западниот турски град Едрене, каде што се одржа една сосема необична венчавка, јавува Агенција Анадолија (АА).
Младиот пар Еругрул Кати и Кадер Чакир од Кешан, во областа Едрене, закажаа термин за венчавка во општината и изразија желба да ги венча исклучиво градоначалникот на таа општина, Мустафа Хелваџиоглу.
Нивното барање е прифатено, но неколку дена пред венчавката потврдено е дека градоначалникот Хелваџиоглу е позитивен на коронавирусот, поради што е принуден на домашно лекување односно изолација.
Сепак, младиот пар не сакаше да ги венча никој друг, инсистираа тоа да биде Хелваџиоглу, а не сакале ниту да ја одложат својата венчавка. На крајот најдоа решение.

Бидејќи градоначалникот живее до средното училиште во Кешан, семејството на младенците одлучи да ја организира венчавката во училишниот двор, овозможувајќи му на градоначалникот да присуствува на венчавката од својот балкон, без да мора да го напушти домот.
Така беше, младенците пристигнаа во училишниот двор, а Хелваџиоглу излезе на балконот и ја изврши венчавката. На младоженците им честита и им посака многу среќа.
„Младенците изразија желба јас да ги венчам. Одлучивме да кажеме дека коронавирусот не е пречка и денес се собравме овде. Денес сме тука и потврдуваме дека за љубов не постои никаква пречка“, порача Хелваџиоглу за време на неговото обраќање.
Младоженецот Ертугрул Кати им се заблагодари на сите што присуствуваа на свадбената свеченост.
„Кога отидовме во општината да закажеме термин за венчавка, нашата желба беше да нè венча нашиот ценет градоначалник. Му посакуваме брзо оздравување. Тој не можеше да биде со нас, па ние дојдовме кај него. Сакавме да бидеме и одредена мотивација и поддршка за нашиот градоначалник во овие тешки моменти за него. Се надеваме дека успеавме во тоа“, рече младоженецот.
Венчавката во училишниот двор се одржа со почитување на постоечките епидемиолошки мерки.