Edıta Zekjırovıkj
02 Јули 2022•Ажурирај: 06 Јули 2022
СКОПЈЕ (АА)
‒ Едита Зеќировиќ
Мостовите се симбол на поврзувањето и секогаш биле важни за одржување на комуникацијата помеѓу луѓето уште од древните времиња. Еден од мостовите кој со својата специфична архитектура ја буди љубопитноста кај минувачите е висечкиот мост во близина на скопското село Кожле кој уште се нарекува и Стојанов Мост.
Негов градител е Стојан Трајановски (70) кој во разговор за Агенција Анадолија (АА) ја сподели приказната за мостот кој ја отсликува упорноста, трудот, желбата, но и инаетот на човекот со свои раце да го создаде она што му треба.

Трајановски појаснува дека висечкиот мост го градел две години, во употреба е пуштен во 2014 година, и дека негова желба била да изгради мост кој ќе ги поврзе верниците со манастирот кој се наоѓа во близина на селото.
„Овој мост е трети по ред. Претходно затекнавме мост погоре на бетонски столбови. Водата, носејќи стари дрва и поголемиот водостој го срушија тој мост“, вели Трајановски.
‒ Кога упорноста е поголема од сите бариери
Тој објаснува дека му требало повеќе време за да го изгради, бидејќи одвреме-навреме имал помош само од случајни минувачи.
Трајановски вели дека особено го радува тоа што постоењето на големата карпа која го попречувала патот, не го спречило тој да ја исполни својата замисла и ветувањето кое го дал на жителите дека ќе изгради мост. Откако не успеал да обезбеди финансии за професионално сечење на карпата, тој самиот научил како да го скрши каменот со обичен чекан и штемајз (секач).
„Оттука до автопат беше шума. Го истрасирав патот и со штици направив корици со двајца луѓе, така што без потреба од многу луѓе ја обработивме оваа површина“, дополнува Трајановски.

Тој вели дека се обидел изградбата на 100-метарскиот мост да ја направи што поцврста и побезбедна, за овој скриен мост над реката Пчиња, во предградието на Скопје да претставува омилено место за бегство од градскиот метеж на љубителите на природата.
‒ Недопрена природа и човеков труд
Комбинацијата од недопрената природа и човековиот труд да создаде градба која ќе му служи на човештвото безвременски, придонесува овој висечки мост да биде уникатна градба, вредна не само за локалните жители, туку и за бројните посетители на селото во атарот на Скопје.
