Edıta Zekjırovıc
26 Август 2021•Ажурирај: 28 Август 2021
СКОПЈЕ (АА) - Започна изградбата на првиот автомобилски висечки мост во Скопје, кој ќе ја поврзува општина Карпош со општините Ѓорче Петров, Бутел, Чаир и Шуто Оризари, јавува Агенција Анадолија (АА).
На настанот на кој се одбележа отпочнувањето на изградбата, присуствуваше премиерот Зоран Заев, вицепремиерот и министер за политички систем и односи помеѓу заедниците, Артан Груби, како и вицепремиерот задолжен за економски прашања, координација на економските ресори и инвестиции, Фатмир Битиќи.
На настанот организиран од страна на Град Скопје, присуствуваа и градоначалникот на Скопје, Петре Шилегов, градоначалникот на општина Карпош, Стефан Богоев и претставници од раководството на компанијата ТАВ, меѓу кои Метин Батак, Неџат Курт и Фатих Кан.
Премиерот Заев истакна дека со изградбата на мостот, Скопје го добива она што е првенствен интерес на граѓаните - патна инфраструктура која, како што рече, ја заслужува една современа метропола.
„Изградбата на мостот, кој преку реката Вардар ќе ги поврзе улиците „Илинденска“ и „Скупи“ ќе ја растовари и избалансира сообраќајната фреквенција на овие две улици и најважно од сè ќе овозможи брз пристап од скопската обиколница до општина Карпош, како и подобро поврзување на оваа општина со општините Бутел, Чаир, Ѓорче Петров и Шуто Оризари“, изјави Заев.
Според најавите на премиерот, мостот ќе се протега со вкупна должина од 940 метри, широчина од 24 метри и 4 коловозни ленти, а се очекува да биде готов во наредните 18 месеци.
Градоначалникот на Скопје, Петре Шилегов, потсети дека во само четири години започнува изградбата на вториот мост на другиот крај од градот, додека мостот во општина Аеродром е сѐ уште во изградба.
„Мост кој на секаков начин претставува спојување на градот и луѓето, комуникација на луѓето, мост којшто е од многу битно значење за понатамошниот развој на градот, затоа што во оваа фаза од „Илинденска“ се спојуваме со „Скупи“, а во следата фаза, со продолжување на булеварот „Словенија“, граѓаните од општина Ѓорче Петров, Волково, Ново Село и тоа како ќе бидат блиску до останатиот дел од градот“, истакна Шилегов.
Градоначалникот на општина Карпош, Стефан Богоев, рече дека градењето на мостови значи и градење на мостови помеѓу луѓето, кои ги зближуваат граѓаните и овозможуваат подобра меѓусебна комуникација.
„Сметам дека овој капитален проект, заедно со клучката која моментално ја прави градот кај Момин Поток, навистина ќе овозможи ширење на градот Скопје и на општината во тие делови, од другата страна на реката Вардар во општина Карпош. Дополнително, граѓаните на Бардовци, Злокуќани, Криви Дол, Момин Поток, поедноставно ќе бидат поврзани со овој дел на општината Карпош, каде што се наоѓаат клучните институции, шопинг-центри и пазарот“, додаде Богоев.
Владата на Република Северна Макеоднија со прераспределба на средствата на ТАВ за изградба на карго-аердромот во Штип додели околу 380 милиони денари на Град Скопје за изградба на висечкиот мост „Љубљанска“.