Senada Ibraimova
25 Јануари 2017•Ажурирај: 26 Јануари 2017
СКОПЈЕ (АА) – Здружението за борба против рак, „Борка“, заедно со Здружението за ХПВ во Македонија и Македонското здружение за цервикална и патолошка колпоскопија веќе седма година по ред водат кампања за подигнување на свеста за ракот на грлото на матката кај жените, јавува Anadolu Agency (AA).
Неделава се одбележува Европската недела за превенција од рак на грлото на матката, а месец јануари е посветен на подигнување на свеста кај жените за оваа болест.
„Според светската здравствена организација, редовните гинеколошки прегледи, вклучувајќи ја и вакцинацијата на адолесцентките може значително, односно дури до 94% да го намали ризикот од појавата на рак на грлото на матката“, пренесе на денешната прес-конференција Биба Додева, претседателка на Здружението „Борка“.
Додева нагласи дека и покрај тоа што Македонија ги следи светските стандарди, односно го воведе скринингот за утврдување на оваа болест, сепак борбата и превенцијата не завршуваат тука.
Според податоците на Здружението „Борка“ од теренот, жените од пониските социо- економски слоеви, малцинставата и жените од руралните средини се соочени со нееднаков пристап во однос на превенцијата од оваа смртоносна болест, бидејќи како што рече Додева, овие жени немаат пристап до програмата за скрининг и не се доволно информирани. Таа исто така, додаде дека многу луѓе се заболени од ХПВ (хумано папилома вирус), којшто најчесто не се манифестира со некакви симптоми, но е најголемиот причинител на оваа тешка болест.
Специјалистот по гинекологија и акушерство и претседател на Здружението за ХПВ од Македонија (ЗХПВМ), д-р Горан Димитров во своето обраќање нагласи дека и покрај модерната медицина во денешно време, 78% од светските случаи на инванзивен рак на грлото на матката, односно случаи каде што не постои лекување, туку само преживување, се застапени во средноразвиените и во нискоразвиените држави, а само 22% се во високоразвиените држави.
Димитров истакна дека на годишно ниво во светот има околу 530 илјади случаи на заболувања, а околу 250 илјади завршуваат фатално од оваа болест. Според него, најголемиот причинител на оваа болест е ХПВ, а секој сексуално активен маж и жена има 77% шанси да се зарази од овој вирус во текот на животот.
Во однос на превенцијата од оваа болест, Димитров рече дека една од најбитните работи е подигнување на свеста: „Ние на тие кои ни доаѓаат веќе не можеме да им ја подигнеме свеста, затоа што тие се веќе заболени жени. Меѓутоа, на тие што доаѓаат за контролни прегледи постојано им велиме да одат редовно на преглед. Досега беше правете пап-тест’, отсега ќе биде во светот правете и ХПВ-тест“, вели тој.
Тој исто така нагласи дека пушењето цигари, особено кај жените кои се со слаб имунитет, најчесто жените во неразвиените држави, кои не се хранат добро, го зголемува ризикот од оваа болест, бидејќи како што рече тој, никотинот се концентрира во секретот на грлото на матката, така што ги убива природните стражари против хуманиот папилома вирус.
Димитров порача дека покрај овие превентивни мерки, женските деца треба да се вакцинираат против ХПВ. Кај нас е достапна бивалентната вакцина против овој вирус, додека во светот има нови откритија за нонавалентната (деветовалентна), која ќе покрива дури 90% од причинителите на ракот кај жената и кај мажот, кои ги предизвикува вирусот.