Senada Ibraimova
22 Ноември 2016•Ажурирај: 22 Ноември 2016
СКОПЈЕ (АА) – Денес во Скопје, во организација на Асоцијацијата за здравствена едукација и истражување – ХЕРА се одржа тркалезна маса на темата „Обезбедување одржливост на програмите за превенција, грижа и поддршка за ХИВ“, на која учествуваа претставници на граѓански организации. Тринаесет политички партии ја поддржаа Декларацијата за обезбедување на финансирањето на програмите за заштита, превенција и поддршка на ХИВ, јавува Anadolu Agency (AA).
Елизабета Божиноска од Асоцијацијата за здравствена едукација и истражување – ХЕРА и претставник на платформата за одржливост на ХИВ програмите, рече дека преку овој настан имаат можност да отворат дијалог меѓу политичките партии и граѓанскиот сектор.
Таа посочи дека идната година завршува Глобалниот фонд за борба против ХИВ/СИДА, туберкулоза и маларија и поради ова, потребно е државата да преземе мерки за одржливост на сите воспоставени програми во изминатите 12 години со кои инфекцијата се држи под контрола.
„Политичките партии се обврзаа преку своите претставници во Парламентот по изборите, и преку претставниците на извршната власт, доколку имаат можност да бидат дел од неа, да иницираат и да го поддржат обезбедувањето финансиски средства за сите програми за превенција од ХИВ по повлекувањето на меѓународната поддршка, но и да се заложат, да иницираат и да поддржат подзаконски или законски механизми со кои ефективно ќе можат да се одржат овие програми во иднина, со кои ќе се овозможи нивна финансиска поддршка од страна на домашниот буџет по повлекувањето на меѓународната поддршка“, истакна Божиноска.
Во врска со програмата за заштита на населението од ХИВ/СИДА во Македонија, Божиноска рече дека за идната година, од буџетот се предвидени 27 милиони денари.
Таа додаде дека процените според експертите кои ги ангажираше Министерството за здравство, предвидуваат оти се потребни најмалку 65 милиони денари за да се одржи третманот за цела година и за шест месеци да се обезбеди одржливост на програмите за превенција.
Оваа декларација ја поддржаа Демократската обнова на Македонија, Демократскиот сојуз, Движењето за реформи ДПА, Достоинство, Левица, Либералната партија, Либерално-демократската партија, Новата социјалдемократска партија, Партијата за европска иднина, Партијата за целосна еманципација на Ромите, Социјалдемократскиот сојуз на Македонија, Унитети и Фродем.