И покрај загубените екстремитети во израелски напади, момче од Газа не се откажува од ролерките
- Иако протетичката нога што му ја поставиле во Египет не му е воопшто удобна, Екрем продолжува да вози ролерки, а негов единствен сон е да добие нова протеза и сопствен коњ
Muhammed Emin Canik, Anas Zeyad Fteha
15 Мај 2026•Ажурирај: 15 Мај 2026
photo: Saeed M. M. T. Jaras / AA
ГАЗА
Тринаесетгодишниот Екрем ел-Фејуми, кој ги загуби левата рака и десната нога во израелски напад врз Газа, наоѓа волја за живот благодарение на својата пасија за ролерки и јавање коњи, пишува Анадолу.
Иако протетичката нога што му ја поставиле во Египет не му е воопшто удобна, Екрем продолжува да вози ролерки, а негов единствен сон е да добие нова протеза и сопствен коњ.
Во Газа, каде што десетици илјади луѓе ги загубија животите во нападите на израелската Армија што траат од октомври 2023 година, податоците на Обединетите нации (ОН) покажуваат дека на повеќе од 6.600 лица кои останале без екстремитети им е потребна протетичка поддршка и рехабилитација.
Екрем е само едно од илјадниците деца во Газа кои останаа со траен инвалидитет.
Тој се присети на моментот на нападот во кој ги загубил раката и ногата.
„Бев ранет во училиштето ’Абдулфетах Хамуде‘. Тргнав да ги земам ролерките за да се возам со пријателите, кога одеднаш нè погоди ракета. Следниот момент се разбудив во баптистичката болница ’Ел-Ехли‘.“
Екрем раскажува дека веднаш по експлозијата неговиот братучед го кренал на раце за да го однесе во болница.
„По патот постојано го изговарав шехадатот. Кога се освестив, сфатив дека повеќе ги немам раката и ногата“, вели тој.
- Мојот сон е да имам нова протеза и коњ -
Палестинското момче, со неверување за сè она што му се случило, изјави:
„Која е нашата вина, кој е нашиот грев во оваа војна? Зошто бевме изложени на ова? Зошто бев ранет вака и зошто ми ги отсекоа раката и ногата? Чувствував дека повеќе немам со што да си играм и плачев.“
Фотографија : Saeed M. M. T. Jaras/AA
Истакнувајќи дека сè уште има шрапнели во главата и градите, Екрем рече дека му е потребно сеопфатно лекување надвор од Газа.
Палестинското момче додаде: „Мојот сон е да ми се постави нова протеза и да имам коњ.“
- Ролерките што ги вози со толку многу страст се неговата единствена забава -
И покрај сè, Екрем не се откажува од своите ролерки и истакнува дека возењето ролерки за него претставува најголема среќа.
Велејќи дека е талентиран за ролерки и јавање коњи, палестинското момче нагласи дека ролерките што ги користи со страст се неговата единствена забава.
- „Синот не доби целосно лекување“ -
Таткото на Екрем, Шериф ел-Фејуми, раскажа дека неговиот син бил тешко ранет во нападот, но дека го нема добиено потребното лекување.
„Екрем беше ранет во училиштето 'Абдулфетах Хамуде' на улицата Јафа. Му благодарам на Бога што е жив, но едната рака и едната нога му се ампутирани. Исто така, сè уште има шрапнели во главата, градите и на колкот. Синот замина во Египет пред околу година и половина и таму остана повеќе од една година, но не доби целосно лекување за раните на главата и за ногата.“
- „Во Египет му беше поставена протеза, но воопшто не му беше удобна“ -
Посочувајќи дека неговиот син претрпел големи болки, Фејуми рече:
„Од самиот почеток не сакав да го оперираат тука, бидејќи детето претрпе многу големи болки и не сакав повторно да ја чувствува истата болка, мислев дека во странство ќе добие подобро лекување.“
Нагласувајќи дека на неговиот син му е потребна протеза, Фејуми рече:
„Во Египет му беше поставена протеза, но тој воопшто не можеше да ја користи, не му беше воопшто удобна.“
- „Одлучноста на Екрем нè држи исправени“ -
Велејќи дека страста на неговиот син за ролерки и јавање коњи продолжува, таткото изјави:
„Тој јава коњ уште од својата 7-годишна возраст, може сам да се качи на коњ и да јава. Да вози ролерки пак, научи кога започна војната гледајќи едно дете во училиште, и стана најдоброто дете во таа област за оваа активност, па дури почна да ги учи и другите деца, своите братучеди и пријатели.“
Раскажувајќи дека и на денот кога се случил нападот, Екрем ги чистел своите ролерки, таткото раскажа:
„Се подготвуваа да излезат надвор со пријателите и да возат. Токму во тој момент во нивна близина паднаа две ракети. Сите што беа покрај него загинаа, му благодарам на Бога што Екрем е жив.“
„Одлучноста на Екрем сè уште е многу силна. Она што нè држи исправени е токму неговата одлучност. Сонувам да го видам мојот син на најдобрите места. Господ нека му даде здравје, нека го чува и нека го направи дури и подобар отколку што беше претходно“, рече Фејуми.