Abdullah Doğan
29 Октомври 2021•Ажурирај: 01 Ноември 2021
КОНИЈА
Раководителот на Одделот за неврологија и центар за мозочен удар на Медицинскиот факултет на Универзитетот „Селчук“, проф. д-р Шерефнур Озтурк, за Агенција Анадолија (AA) изјави дека низ светот се спроведуваат студии за намалување на смртните случаи предизвикани од мозочен удар.
Посочувајќи дека на дневен ред се ефектите од загадувањето на животната средина и воздухот и климатските промени врз цереброваскуларните заболувања, проф. Озтурк изјави: „Студиите покажаа дека загадувањето на воздухот и животната средина, заедно со климатските промени предизвикуваат поголем број мозочни удари и цереброваскуларна оклузија отколку на срцеви заболувања. Ова е многу зачудувачки факт“, рече тој.
- Шест милиони луѓе умираат од мозочен удар
Укажувајќи дека мозочниот удар како болест е водечка причина за смртта на луѓето, проф. Озтурк го даде следниот коментар:
„Губиме 6 милиони луѓе во светот поради мозочен удар. Од нив, 90 % се фактори на ризик кои можат да се сменат. Тоа може да се спречи со промена на начинот на однесување. Се појави уште една реалност: факторите на животната средина одат паралелно со климатските промени. Речиси 30 % од смртните случаи се должат само на загадениот воздух. Секоја година во светот умираат 9 милиони луѓе. Голем дел од тие смртни случаи се последица на хронична невролошка болест. Знаевме дека глобалните климатски промени се многу влијателен фактор. Глечерите се топат, сушните средини се зголемуваат, но очигледно е дека не предвидовме дека тоа ќе ја зголеми појавата на цереброваскуларни заболувања. Истражувањата покажуваат дека овој фактор го зголемува ризикот од болеста за 30 %. Факторите на животната средина сега го заземаат второто место на листата на ризици за појава на цереброваскуларни заболувања. Ова е многу зачудувачки и изненадувачки резултат. Добрата страна е можноста за корекција.“
Подвлекувајќи дека краткорочната изложеност на негативни фактори на животната средина може да предизвика и церебрална васкуларна оклузија, проф. Озтурк истакна дека загадувањето на воздухот може да се намали со индивидуални, социјални и глобални напори.
Проф. Озтурк додаде дека васкуларното здравје е многу зависно и од соодветната и здрава исхрана.