МУРЕВА, ЗИМБАБВЕ (АА) - Животот на 46-годишната Миранда Чихота пред четири години се сменил во потполност, кога нејзиниот сопруг загинал во трагична сообраќајна несреќа.
Во време кога сè уште закрепнувала од трагедијата, таа била принудена да се омажи за братот на нејзиниот починат сопруг, чија сопруга заболела од сида две години пред да почине сопругот на Миранда.
Како резултат на тоа, Миранда сега боледува од сида што ја добила од нејзинот нов сопруг само поради обичајот за наследување на сопружник, кој сè уште се практикува во Зимбабве.
„Немав друг избор, бидејќи во нашата култура доколку некој го загуби својот сопруг или сопруга, тој или таа мора да го наследи, односно да се омажи за роднина на брачниот другар“, изјави Миранда за Агенција Анадолија (АА).
Миранда која потекнува од Мурева - рурално подрачје околу 80 километри источно од главниот град на Зимбабве, Хараре, изјави дека таа исто така го носи товарот за грижа на дете кое е ХИВ-позитивно.
Во меѓувреме, Тинаше Чипако, правен експерт од Зимбабве, изјави дека голем број жени се жртви кога се работи за вакви случаи.
„Мажите можат да одлучат сами кого ќе оженат, без да бидат принудени, за разлика од жените, коишто немаат избор. Овој обичај за наследување е многу неправеден“, вели Миранда во разговорот за АА.
Не постои специфично законодавство во јужноафриканската нација што забранува наследство на сопруга или сопруг.
Ситембисо Млаули од граѓанското движење „Свеста на жените од Зимбабве се подига“ (WOZA) во Булавајо - вториот најголем град во Зимбабве - изјави дека голем број жени почнуваат да стават крај на ваквото наследување.
„Жените, коишто се сопруги во Зимбабве, се наследуваат како имот откако нивниот сопруг ќе почине и веднаш стануваат сопруги на роднина од нивниот сопруг, дури и ако тие никогаш не го познавале и дури ако тој е ХИВ-позитивен. На тој начин жените се подложуваат на ризик“, изјави Млаули за АА.
- Зад ширењето на сидата, фанатици на обичајот -
И покрај фанатиците на обичајот, кои инсистираат да ги продолжат нормите на сопружничко наследство во оваа земја, активистите против ширењето на ХИВ/сида неуморно се борат против обичајот.
„Наследството на сопруга или сопруг откако ќе умре еден од нив, придонесе за брзото ширење на ХИВ и сида во Зимбабве, особено во руралните области“, изјави Тринос Тиривави, кој живее со ХИВ веќе 16 години и исто така е член на Националната мрежа на луѓе кои живеат со ХИВ во Зимбабве (ZNNP +).
Тој ја добил болеста на 23-годишна возраст откако ја наследил сопругата на неговиот покоен брат.
„Луѓето се впуштени во наследувањето на нечија сопруга или сопруг без никакви сознанија за тоа што довело до смрт на нивниот сопружник, што е опасно“, рече тој.
- Традиционалните лидери го поддржуваат наследувањето на сопружник -
Иако многу ХИВ-позитивни лица, како Тринос, сведочат за тоа како ја живеат својата судбина, некои традиционални лидери, меѓу кои е и Елвис Мугумба од областа Маранда во Мвенези - подрачје во јужниот дел на Зимбабве - сметаат дека културата на наследство треба да продолжи непречено.
„Нашите прататковци живееја и се погрижија семејството да продолжи да расте дури и откако сопругот ќе почине, осигурувајќи се дека неговата сопруга е наследена и ќе продолжи да раѓа деца со помош на роднината на сопругот“, рече Мугумба за АА.
„Затоа не може денес некој да ни каже дека овој обичај е одговорен за ширење на сидата. Луѓето едноставно треба да бидат верни дури и во бракови што произлегуваат од наследство“, рече тој.
Сепак, додека традиционалните лидери како Мугумба го одржуваат овој став, милиони лица од Зимбабве секојдневно им подлегнуваат на ХИВ и сидата.
Според УНАИДС, околу 1,3 милиони лица во Зимбабве во моментот живеат со ХИВ/сида.
„Само во 2018 година, 38.000 лица во Зимбабве беа новозаразени со ХИВ, додека 22.000 луѓе починаа од сида“, се вели во извештајот.
Ова се случува и покрај минатогодишните бројки на УНАИДС, кои покажаа пад од 60 отсто на бројот на смртни случаи поврзани со сида од 2010 година, од 54.000 на 22.000 смртни случаи.
Дури и со оглед на тоа што културните норми на наследство се закануваат да ги спречат досегашните придобивки во борбата против сексуално преносливата болест, УНАИД минатата година, исто така, рече дека бројот на нови заразувања со ХИВ опаднал од 62.000 на 38.000.