Şenhan Bolelli
17 Јануари 2017•Ажурирај: 18 Јануари 2017
САН БАРТОЛОМЕ ДЕ ПИЊАРЕС (AA) – Во рамките на одбележувањето на фестивалот „Лас луминариас“, во Сан Бартоломе де Пињарес, во северниот дел од Шпанија, јавачите и нивните коњи скокаат преку оган, за според верувањето, да се исчистат од гревовите и од сето зло, јавува Anadolu Agency (AA).
Веќе неколку века, во спомен на светиот Антун, јавачите и коњите прескокнуваат преку голем оган, традиција којашто предизвика големи критики од страна на активистите за животни.
Сепак, овој фестивал секоја година привлекува голем број учесници и посетители.
Овогодишната манифестација започна синоќа во самрак, огласувајќи го почетокот со црквено ѕвоно, а по верските обреди, коњите и нивните сопствениции поминаа низ градот. Во двете најважни улици во градот беше запален оган, а посетителите многу љубопитно го следеа секој чекор. Настанот траеше околу два и пол часа, во текот на кои коњите поминаа низ оган и чад, што според верувањето, треба да ги заштити и да ги исчисти.
Херман Мартин Навас (56) во „Лас луминариас“ учествува уште од кога бил момче, а за АА вели дека овој настан е многу важен за нив и дека цела година го чекаат тој ден.
„Со другите земјоделци што доаѓаат од околните села организираме верска церемонија за нашите коњи да бидат заштитени за време на целата година. Ние сме верници и веруваме дека свети Антун ќе ги штити нашите животни“, истакнува Навас.
Според неговите зборови, не е познато кога точно започнало одбележувањето на „Лас луминариас“, но се претпоставува дека потекнува од 18. век. Тој потсети дека се остро критикувани од здруженијата за заштита на животните, кои сакаат фестивалот да се укине. Сепак, Навас нагласува дека за време на фестивалот ниеднаш не дошло до несреќен случај.
„Не им нанесуваме никаква штета на животните. Секој може нашите коњи по фестивалот да ги однесе на ветеринарен преглед. Ниту на еден не ќе може да се најде ниту една најмала рана“, истакна Навас.