Ekipa
05 Август 2017•Ажурирај: 06 Август 2017
САРАЕВО (АА) - Големиот топлотен бран, наречен „Луцифер“, што оваа недела зафати делови на Европа, предизвика рекордно високи температури и најмалку два смртни случаи, и ги принуди властите да издадат предупредување поради високите температури, јавува Anadolu Agency (AA).
Екстремните температури во Италија, во делови од Франција и Шпанија, како и на Балканот, предизвикаа десетици пожари, оштетени земјоделски култури и придонесоа за пораст на потрошувачката на електрична енергија и вода. Властите во одредени подрачја издадоа сообраќајни ограничувања и ја забранија работата на отворено за време на најтоплиот дел од денот, кога температурите достигнуваат и над 40 степени Целзиусови.
Метеоролошкиот завод на Шпанија денес објави итно предупредување поради високите температури за 31 од вкупно 50 провинции. Властите во другите земји апелираа до луѓето да останат во затворени простории, и доколку немаат неодложна потреба да не излегуваат надвор, како и да пијат многу вода.
Во Македонија, Министерството за здравство ги повика граѓаните да ја избегнат директната изложеност на сонце, особено во интервалот помеѓу 11:00 и 17:00 часот.
Министерството за труд и социјална политика информираше дека со поддршка на Црвениот крст, овој викенд ќе се спроведуваат активности за згрижување на бездомните лица.
Македонија се наоѓа во портокаловата фаза со температури над 40 степени Целзиусови.