Ali Rıza Akkır
06 Јуни 2019•Ажурирај: 09 Јуни 2019
МУГЛА (АА) - АЛИ РИЗА АКИР - Седумдесет и петгодишната Ванг Квилинг, која од Кина дојде на одмор во турскиот град Фетије во Мугла, и покрај своите години уживаше во параглајдерство, пишува Anadolu Agency (AA).
Планината Бабадаг во Фетије е позната по тоа што илјадници домашни и странски туристи секоја година уживаат во параглајдерството кое е најблиску до летањето на птиците.
Една од нив беше и Кинезинката, која и покрај своите години одлучи да ја доживее авантурата за која е потребна голема храброст и луѓе многу помлади од неа.

Квилинг на одмор дошла со својата ќерка. Таа скокна со пилотот Бариш Аксој, од висина од 1.700 метри.
Аксој го снимаше летот со 75-годишната Кинезинка, која беше опуштена и пееше за време не летот.
Оваа храбра жена за АА раскажа дека е првпат во Турција и дека многу ѝ се допаѓа.

За Турците вели дека се гостопримлив народ и секогаш расположени.
„Кога ги видов луѓето кои уживаат во параглајдерството, и јас сакав да пробам. Не се плашев. На овој начин ги видов планините, го видов прекрасното крајбрежно селце и летувалиште Олудениз, и многу други места во Фетије“, изјави Квилинг.
Пилотот параглајдерист Аксој изјави дека се чувствувал опуштено за време на летот со Квилинг.
„Имаме многу туристи, и повозрасни, како оваа жена, но и многу млади кои сакаат да го пробаат ова доживување. Сите се одушевени со погледот на крајбрежјето на Олудениз“, изјави Аксој.
Олудениз (или во буквален превод Мртво Море) е туристичко место на југозападниот дел на Турција, кое ги спојува Егејското и Средоземното Море, а една од забележливите атракции на овој туристички дијамант е параглајдерството, сѐ повеќе популарна форма на екстремна рекреација во светот.