Aziz Aslan
25 Декември 2020•Ажурирај: 26 Декември 2020
ДИЈАРБАКИР (АА) - АЗИЗ АСЛАН -
Во приватен спа-центар во Дијарбакир, Турција, со преземените соодветни мерки за спречување на ширењето на коронавирусот, понудени се услуги на џакузи и масажа за бебиња до 36 месеци, кои им помагаат во нивниот развој, пишува Агенција Анадолија (АА).
Спа-центарот е отворен пред еден месец и се наоѓа во дистриктот Баглар. За користење на услугите треба да се направи резервациија, а понудените услуги помагаат во развојот на бебето.
Со оглед на тоа што се преземени високи мерки за безбедност кога станува збор за спречување на заразата со Ковид-19, џакузито секогаш е специјално подготвено за секое бебе. Исто така, базенот и играчките се дезинфицираат на начин кој е безбеден за детето.
Се претпочита и користење костим за капење за еднократна употреба за деца, пешкир и друг материјал. Како мерка на претпазливост, меѓу две сеанси се остава период од два часа со цел просторот соодветно да се подготви за следниот корисник. Носењето маски е задолжително, а во центарот може да влезат само родителите со бебето.
Бебињата го користат џакузито со обрач за пливање. Исто така, со професионални методи, децата се навикнуваат на водата и слободното движење, а по една сеанса во џакузи, мајките, со поддршка на стручњаци, го масираат детето.

Сопственичката на спа-центарот, Асли Ѓунеш, за АА изјави дека тие нудат соодветни услуги за децата до 36 месеци да можат слободно да пливаат.
Наведе дека услуги почнале да даваат пред еден месец и ја приспособиле средината за децата да се чувствуваат пријатно. Кога децата ќе се навикнат на средината, тие се адекватно обучени и ставени во џакузи.
„Бебињата првите десет минути ги поминуваат во мирна вода. Ние ги следиме движењата што ги прават. По околу 15 минути, започнуваме со терапијата која им помага да ги развијат мускулите и коските, како и со решавање на проблемите со спиењето. По 30 минути започнуваме со масажа. На кукли им покажуваме на мајките како да го масираат бебето. Децата не сакаат да ги допираат странци, па затоа им покажуваме на мајките како правилно да прават масажи“, рече Гунеш.
Додаде дека водата и масажата позитивно влијаат на развојот на децата.
„Ги препорачувам особено за деца до 11 месеци. Помагаме во развојот на мускулите и моториката кај предвремено родените деца. Исто така, ги отстрануваме проблемите со гасовите, а го забрзуваме и процесот на заспивање. Сметаме дека ова е потребно да се прави редовно и предлагаме да доаѓаат еднаш неделно, или трипати месечно. Доколку се прави редовно, може да помогне во развојот на детето“, нагласи Ѓунеш.
Додава дека родителите од центарот си заминуваат среќни, што и нив ги прави среќни. Со оглед на тоа што децата уживаат во тоа, објаснува Ѓунеш, и родителите се среќни.
„Во центарот очекуваме и родители на деца со потешкотии во развојот. За време на пандемијава оставаме простор од два часа помеѓу сеансите. Водата се менува по секоја сеанса. Дезинфекцијата се врши со производи на природна база кои не содржат хемиски својства. Ги дезинфицираме и просториите. Семејствата можат да бидат безбедни и опуштени кога станува збор за доаѓањето во нашиот центар“, наведе Ѓунеш.
Клиентката Чимен Нергиз вели дека во центарот дошле поради физичкиот и психичкиот развој на детето.
„Ја донесов ќерка ми и си играше многу убаво. Потоа влезе во џакузи и си помина, исто така, многу убаво. Уживаше и во масажата. Ѝ годеше на ќерка ми Бери. Ова е здрава средина за родителите и за децата. Придонесува кон психичкиот и физичкиот развој на детето, а и подобро спие. Имаме намера да продолжуваме да доаѓаме и би им го препорачала на сите“, рече Нергиз.