Havva Dereağzı
11 Декември 2021•Ажурирај: 13 Декември 2021
КОЊА (AA) - ХАВА ДЕРЕАГЗИ –
Ахмет Сами Калајџи (70) од Коња, Турција, 55 години во мала работилница посветено поправа часовници и настојува да помогне во зачувувањето на овој занает, пишува Агенција Анадолија (АА).
Неговиот дедо во 1966 година, кога Калајџи имал 15 години, му предложил да биде часовничар. Секојдневно посветено работел и го учел занаетот, а во 1975 година ја отворил својата работилница во десет квадратни метри, во која денеска работи.
Во градот и помеѓу пријателите е познат како врвен мајстор, а за оваа работа и искуствата говореше за Агенција Анадолија (АА).
„Дедо ми не сакаше да се школувам. Тогаш часовничарството беше почитуван занает. Ме насочи кон тоа“, рече Калајџи.
Со времето научил како да се носи со сè што бара овој занает.

„Ако не го сакаш својот занает, не можеш да бидеш успешен. Мораш да го сакаш за да успееш. Поголемиот дел од часовниците што тука ги поправив не ги имам видено во работилницата на мојот учител. Но, кога ќе го земам часовникот во рака, размислувам дека е направен од парчиња метал и зошто да не го поправам она што е направено. Оваа работа ја научив бидејќи се интересирав и сакав да знам повеќе“, објаснува Калајџи.
Тој вели дека секој часовник има различни карактеристики и дека секој часовник што треба да се поправи всушност носи одредена мистерија и одредена возбуда, а среќен е кога ќе поправи часовник за кој не му треба повеќе од еден час.
Поправа и часовници од 16 и 17 век, но недостатокот на оригинални делови му ја отежнува поправката.
„Некогаш има мали потешкотии, но сепак проработуваат. Зар е исто стогодишник и младо момче од 18 години“, рече Калајџи, додавајќи дека понекогаш користи различни делови на други часовници надевајќи се дека ќе може да ги поправи античките часовници.
Додаде дека понекогаш со часови работи на поправката, но дека ја сака работата и дека затоа работи со голема посветеност. Сепак, на многу часовници им недостасуваат делови.

„Мора да размислувате што да направите во тој случај, да го споредите со претходните часовници што сте ги поправале и тогаш ќе успеете. Не можете да успеете во оваа работа ако немате трпение. Наутро се почнува со работа, до навечер додека не се заврши. Понекогаш не се ни јавувам на телефон додека работам, бидејќи, ако направите пауза, понекогаш не можете да продолжите од каде што сте застанале. Тогаш морате од почеток“, истакна Калајџи.
Смета дека кога ќе земе многу стар часовник во рака, работата добива поинаква димензија.
„Во тие моменти има работа, убавина. И јас сакам часовници што се направени со посебен труд. Човекот направил и поправал часовници во времиња кога немало електрична енергија. Како човек да не се посвети? Јас уживам во тоа“, кажа Калајџи.
Ги спореди со денешните часовници, особено неквалитетните, истакнувајќи дека на новите им недостасува душа.
„Секако дека постојат и квалитетни часовници направени машински, уживам во нив“, рече Калајџи.
Им упати порака на младите што сакаат да се занимаваат со часовничарската работа.
„Обидете се да го расклопите, да го расипете и дојдете да ви покажам како да го поправите. Човек може да успее во сè што сака. Само му треба желба. Почитувајте ја својата работа, бидете трпеливи и работете најдобро што можете. Нема човек кој не греши“, нагласи Калајџи, надевајќи се дека уште долго ќе ужива работејќи ја својата работа.