Fuat Kabakcı
22 Декември 2020•Ажурирај: 23 Декември 2020
АНКАРА
Во САД, 2020 година ќе биде „најсмртоносната година“ поради жртвите предизвикани од новиот вид коронавирус (Ковид-19), пренесува Агенција Анадолија (АА).
„Си-би-ес“ (CBS) во својата вест информираше дека вкупниот биланс на починати се проценува дека ќе ја надмине бројката од 3,2 милиони во 2020 година, најсмртоносната година во историјата на земјата.
Исто така, се наведува дека бројот на смртни случаи оваа година ќе биде најмалку 400 илјади повеќе од минатата година поради Ковид-19, кој силно ја погоди земјата.
Во овој случај, се додава дека бројот на починати во 2020 година ќе биде приближно 15 проценти повеќе од 2019 година.
Според веб-страницата „Worldometers“, каде што се собрани податоците за случаите на Ковид-19, во САД од вирусот се заразија повеќе од 18 милиони луѓе, а поради епидемијата животот го загубија повеќе од 326 илјади Американци.
Пред појавата на епидемијата во САД беше забележан тренд за опаѓање на стапката на смртност.
Во 2019 година беше регистрирано намалување на смртните случаи поради рак и срцеви заболувања.
Американскиот центар за контрола и превенција на болести (CDC) соопшти дека во 2019 година во земјата починале 2.854.838 лица.
Центарот објави дека смртните случаи како резултат на старост се намалиле за 1 процент во 2019 година, а просечниот животен век се продолжил до 6 недели, приближувајќи се на 79 години.