Ömer Tuğrul Çam
16 Ноември 2021•Ажурирај: 17 Ноември 2021
БРИСЕЛ
Во Белгија од 1 април 2022 година здравствените работници кои нема да се вакцинираат против Ковид-19 ќе бидат отпуштени од работа, пренесува Агенција Анадолија (АА).
Белгиските медиуми објавија дека владата подготвила регулатива со која здравствениот персонал ќе треба задолжително да се вакцинира.
Според тоа, од 1 јануари до 31 март во новата година ќе се применува преоден период. Здравствените работници за да можат да работат во овој период, ќе треба да обезбедат докази дека се вакцинирани или негативен тест од последните 72 часа.
Оние кои нема да ги почитуваат овие правила нема да можат да работат и можат да аплицираат за неплатен одмор.
Од 1 април сите здравствени работници ќе треба да се вакцинираат. Здравствениот персонал кој ќе одбие да се вакцинира ќе биде отпуштен од работа.
Регулативата се очекува да биде одобрена од Советот на министри оваа недела.
Меѓу другото се очекува белгиската влада да донесе одлука за мерките што се ублажени на почетокот на летото затоа што во последните недели случаи на Ковид-19 се зголемени. Се наведува дека на дневен ред се мерки како што се обврска за работа од дома и затворање на ноќните клубови.
Во Белгија, просечно се регистрираат околу 10.000 нови случаи на Ковид-19. Бројот на лица кои се лекуваат во болниците поради Ковид-19 продолжува да се зголемува. Поради зголемениот број случаи, побарано е половина од креветите за интензивна нега да бидат резервирани за пациенти со Ковид-19.