Zuhal Demirci
29 Декември 2021•Ажурирај: 30 Декември 2021
ЛОНДОН
Британскиот премиер Борис Џонсон истакна дека 90 отсто од пациентите кои се наоѓаат на одделенијата за интензивна нега во болниците се оние кои не ја примиле засилувачка - бустер, доза за потсетување на вакцината против Ковид-19, пренесува Агенција Анадолија (АА).
Во изјавата за најновата ситуација со Ковид-19 при посетата на еден центар за вакцинација, Џонсон истакна дека варијантата Омикрон и понатаму предизвикува сериозни проблеми и дека случаите се зголемуваат во болниците, но дека состојбата на пациентите е поблага од оние кои се заразени со варијантата Делта.
„Жал ми е што го кажувам ова, но во моментов, огромното мнозинство од луѓето на интензивна нега во нашите болници не ја примиле дозата за потсетување. Разговарав со лекарите кои ми кажаа дека до 90 отсто од луѓето на интензивна нега не примиле доза за потсетување“, рече премиерот Џонсон.
Привлекувајќи внимание на важноста на вакцините во борбата против Ковид-19, Џонсон рече: „Ако не сте вакцинирани, веројатноста за одење во болница е осумпати поголема.“
Џонсон предупреди граѓаните да бидат внимателни за време на новогодишните прослави.
Вчера во Велика Британија беа регистрирани 129.471 случај на Ковид-19, најголем дневен број случаи од почетокот на епидемијата.
Во Велика Битанија Владата одлучи да не воведува нови ограничувања пред Нова година, и покрај зголемениот број случаи.
Сепак, беше одлучено да се затворат ноќните клубови во Велс и да се ограничи дружењето во Шкотска.