Hasan Esen
03 Мај 2020•Ажурирај: 03 Мај 2020
ЛОНДОН (АА) - Британскиот премиер, Борис Џонсон, истакна дека во случај да ја загубел битката со коронавирусот, Ковид-19, Владата подготвила итен акционен план и дека лекарите размислувале како да ја објават можната смрт, пренесува Агенција Анадолија (АА).
Премиерот Џонсон, во интервјуто за „Sun On Sunday“, што се објавува во неделната верзија на весникот „Сан“ („Sun“), трите дена на интензивна нега ги опиша како „тежок момент“.
„Ситуацијата не беше воопшто сјајна, тоа не можам да го негирам“, рече Џонсон и додаде: „Тие имаа една стратегија од типот на сценариото за ‘смртта на Сталин‘. Бев свесен дека Владата има итен акционен план. Лекарите беа подготвени што ќе направат ако работите тргнеа наопаку.“
- „Не можев да разберам зошто не закрепнував“ -
Објаснувајќи дека долго време бил поврзан со апаратот за дишење, 55-годишниот Џонсон рече дека во интензивната нега „индикаторите продолжувале да одат во погрешна насока“ и дека постојано се прашувал ‘како ќе излезам од оваа состојба‘.
- „Лекарите почнаа да размислуваат како ќе ја претстават мојата смрт“ -
Истакнувајќи дека не можел да разбере како неговата ситуација се влошила за неколку дена и „зошто не може да закрепне“, Џонсон рече дека во случај на негова смрт, лекарите размислувале како ќе го претстават тоа.
- Беше потребен еден месец за закрепнување -
Борис Џонсон беше хоспитализиран на 5 април, а веќе следниот ден беше префрлен на интензивна нега откако ситуацијата му се влоши.
Премиерот на 9 април излезе од интензивна нега, додека на 12 беше отпуштен од болница. Неговото закрепнување траеше еден месец. На должноста се врати на 27 април.
Џонсон во однос на лекувањето рече: „Животот ми е спасен, нема сомнеж за тоа.“
- На својот новороден син му го стави името на докторите -
Премиерот Џонсон, по два дена откако се врати на функцијата, на 29 април, стана татко по шести пат. Својот син го именуваше Николас, според имињата на докторите од интензивната нега д-р Ник Прајс и д-р Ник Харт.
Свршеницата на Џонсон, Кери Симондс, осврнувајќи се на докторите нагласи: „Тие го спасија животот на Борис.“