Hasan Esen
15 Април 2020•Ажурирај: 16 Април 2020
ЛОНДОН (АА) - Семејствата на починати лица од коронавиусот во Велика Британија, чии најблиски престојувале во Домови за стари лица, тврдат дека на луѓето во тие установи не им се пружа никаква адекватна помош. Поконкретно, тврдат дека во земјата луѓето во тие домови се оставаат да умрат, пренесува Агенција Анадолија (AA).
Кризата околу пандемијата на коронавирусот во Велика Британија од ден на ден се влошува, а семејствата чии најблиски починале од вирусот во Домовите за стари лица тврдат дека всушност тие се оставени да умрат.
Дона Милан за „Дејли меил“ (Daily Mail) тврди дека кај нејзината мајка се појавиле симптоми на коронавирусот, и дека таа починала на 9 април.
Милан тврди дека нејзината мајка не е тестирана и покрај нивното инсистирање.
„Ако со оваа состојба се раководеше подобро, мајка ми немаше да биде заразена со коронавирусот и денес ќе беше жива“, истакна Милан.
Хајден Хјувит исто така тврди дека 83-годишната мајка на неговата сопруга имала симптоми на коронавирусот, но никој не испратил брза помош во Домот, и не ѝ пружил помош. Додаде дека таа не била прегледана ниту од доктор, и дека починала во петокот.
Иако Владата изнесува податоци дека стапката на присутност на вирусот во Домовите за стари лица изнесува 13,5 отсто, службеникот на здравствената заштита „Four Seasons“, Џереми Ричардсон, кој работи во еден од најголемите Домови во земјата, за „Скај њуз“ (Sky News) изјави дека тие информации не се точни.
„Мислам дека стапката се движи веројатно 60 или 70 отсто“, рече Ричардсон.
Претседателот на независната Група за нега, Мајк Падгам, смета дека во Домовите за стари лица во Велика Британија досега починале околу 4.000 луѓе, и додаде дека како и во другите европски земји третина од смртните случаи од коронавирусот ги сочинуваат штитеници на Домовите за стари лица и слични установи.
Според официјалните податоци споделени со јавноста, во Велика Британија досега од коронавирусот починаа 12.868 лица.