Ekipa
05 Април 2021•Ажурирај: 06 Април 2021
ЊУ ДЕЛХИ (АА) - Во изминатото деноноќие во Индија регистрирани се над 100.000 нови случаи со коронавирус, што е највисокиот дневен број на заразени од почетокот на пандемијата кон крајот на јануари минатата година, пренесува Агенција Анадолија (АА).
Индиското Министерство за здравство соопшти дека во текот на изминатите 24 часа биле дијагностицирани 103.558 случаи, со што вкупниот број случаи досега во земјата достигна над 12,5 милиони. Бројот на починати изнесува 165.101, вклучувајќи ги и 478-те нови смртни случаи.
Евидентирани се над 11,6 милиони оздравени лица.
Индија пријавуваше над 90.000 случаи на ден во септември минатата година, кога го забележа пикот на епидемијата, со највисокиот број од околу 98.000 случаи. Бројките, сепак, се намалија до јануари годинава.
Според Министерството за здравство, западната индиска држава Махараштра е најтешко погодена од Ковид-19, со најголем број случаи.
Властите на Махараштра синоќа објавија нови рестриктивни мерки во државата, меѓу кои и ноќен полициски час и карантин за време на викенд со цел да го спречат понатамошното ширење на вирусот.
Индија во моментов е трета најпогодена земја во светот според бројот на заразени, по САД и Бразил.