Sena Güler
17 Мај 2021•Ажурирај: 18 Мај 2021
АНКАРА (АА) - Благодарение на строгиот карантин од 17 дена, кој ја подобри епидемиолошката ситуација предизвикана од пандемијата на Ковид-19, Турција од денес започнува со постепено ублажување на донесените мерки, јавува Агенција Анадолија (АА).
Постепената нормализација започна во 5 часот утринава по локално време, и ќе трае до 1 јуни, во исто време.
Во текот на овој период, во работните денови ќе има ноќен полициски час од 21 часот до 5 часот наутро, додека викендите ќе бидат под целосна блокада, соопшти турското Министерство за внатрешни работи.
Меѓуградските патувања ќе бидат дозволени надвор од полицискиот час.
Нема да има посебни ограничувања за лицата на возраст над 65 години, оние што примиле две дози вакцина против Ковид-19 или оние под 18 години.
Кафулињата и рестораните ќе обезбедуваат услуги за достава само во работните денови од 7:00 до 20:00 часот, а за време на викендите, услугите за достава ќе бидат само од 7 часот наутро до полноќ.
Трговските центри ќе бидат отворени од 10:00 до 20:00 часот во текот на работните денови, а ќе бидат затворени за време на викендите.
Салите за венчавки и спортските центри и теретаните ќе останат затворени.
Турција досега има регистрирано 44.760 смртни случаи од Ковид-19, додека над 4,94 милиони лица оздравеа. Во земјата се потврдени над 5 милиони случаи на коронавирусот.
Турција има администрирано над 25,8 милиони дози вакцини во масовната кампања за вакцинација што започна во средината на јануари.
Повеќе од 14,86 милиони лица ја примиле првата доза од вакцината, додека 10,83 милиони лица ги примиле и двете дози.