ОВИЕДО (АА) - Бројот на дневни смртни случаи и бројот на заразени од Ковид-19 во Шпанија повторно значително се намали, пренесува Агенција Анадолија (АА).
Податоците на шпанското Министерство за здравство покажуваат дека во изминатите 24 часа починале 164 лица, што претставува најниска смртност од 18 март.
Бројот на нови потврдени случаи на вирусот исто така се спушти на нивоата пред мерките за изолација. Бројот од 838 новозаразени е најмал број на нови случаи од 11 март.
Вкупно, во Шпанија од Ковид-19 починаа најмалку 25.264 лица, а заразени се 217.466 лица. Од потврдените случаи, 118.902 лица се излекувани - што е раст од 1.654 во однос на вчера.
Бидејќи Шпанија воочува опаѓање на акутната фаза на заразата, утре и официјално ќе ја започне првата од вкупно четирите фази на олабавување на мерките. Утре ќе започнат да работат фризерите, стоматолозите, специјализираните продавници, но пациентите и муштериите ќе може да ги посетуваат само со закажување.
Шпанскиот премиер, Педро Санчез, изјави дека планира да ја продолжи вонредната состојба во Шпанија сè додека не се завршат сите фази, што би можело да биде кон крајот на јуни.
Но, како што растат политичките тензии, неколку партии, кои претходно ја поддржуваа Владата, сега се закануваат дека ќе го блокираат продолжувањето на вонредните мерки.
„Немаме план Б, единствениот план е да бидеме во состојба на алармираност“, рече Санчез на вчерашната телевизиска прес-конференција, што беше отфрлено од некои опозициски политичари.
„Санчез нема план Б или А. Тој не може да ја држи земјата во заложништво за да ја прикрие неговата неспособност“, напиша на Твитер Пабло Казадо, лидерот на конзервативната Народна партија. „Мораме да ја реактивираме економијата со масовни тестирања за да го сопреме заразувањето, но и банкротот.“
Во Шпанија, вонредната состојба нормално може да трае најмногу до 15 дена. Оваа недела, политичарите во поделениот шпански Парламент ќе гласаат за тоа дали да се поддржи уште едно продолжување на мерките за вонредна состојба, кои истекуваат следниот викенд.
Премиерот Санчез исто така најави дека од утре носењето заштитни маски во јавниот превоз ќе биде задолжително.