Bahattin Gönültaş
30 Април 2020•Ажурирај: 30 Април 2020
БЕРЛИН
Малопродажбата во Германија е под влијание на пандемијата на Ковид-19 и во март е намалена за 5,6 отсто во однос на претходниот месец, што е најголем пад во последните 13 години, јавува Агенција Анадолија (АА).
Статистичкиот завод на Германија (Destatis) објави податоци за прометот во малопродажбата кои покажуваат дека во март малопродажбата во таа земја доживеала пад од 1,5 отсто во однос на истиот месец во 2019 година.
Падот на прометот во малопродажбата минатиот месец, кога беа забележани првите случаи на заразување со Ковид-19 во таа земја, е под проценката на аналитичарите кои очекуваа пад од 7,5 отсто.
„Ова беше најголем пад на прометот во малопродажбата од јануари 2007 година“, се наведува во соопштението на Дестатис.
Федералниот завод за статистика на Германија соопшти дека минатиот месец најголема побарувачка за производите е забележана во аптеките и супермаркетите.
Исто така, нарачките преку интернет и пошта во јануари се зголемија за 13,4 отсто, додека прометот на непрехранбени производи во малопродажбата е намален за 10,1 отсто.
Падот на прометот на непрехранбени производи во малопродажбата (текстил, облека, обувки и производи од кожа) е најголем уште од 1994 година.