Ayhan Şimşek
27 Март 2020•Ажурирај: 27 Март 2020
БЕРЛИН
Бројот на случаи на заразување со коронавирус во Германија денес продолжува да расте и покрај драстичните мерки што земјата ги воведе во борбата против ширењето на вирусот, јавува Агенција Анадолија (АА).
„Бројот на потврдени случаи на зараза денес се зголеми на 44.439, додека бројот на починати се зголеми на 270“, наведува берлинската интернет-страница „Коронавирус-Монитор“, која собира податоци од локалните здравствени власти.
Властите објавија дека во текот на изминатите 24 часа биле потврдени уште 48 смртни случаи и уште 5.000 потврдени случаи на зараза.
Германската канцеларка, Ангела Меркел, синоќа ја исклучи можноста за ублажување на рестриктивните мерки, нагласувајќи дека бројот на нови заразувања продолжил брзо да расте во текот на последните неколку дена.
Владата оваа недела ги зајакна ограничувањата поради коронавирусот, забранувајќи каков било социјален контакт меѓу повеќе од две лица во јавност. Сојузните држави исто така наложија да се затворат продавниците, а рестораните да работат само за достава.
Германија е третата најпогодена земја од пандемијата на коронавирусот во Европа, но сепак бројот на смртни случаи останува низок во однос на Италија и Шпанија.
Според неодамнешните истражувања на Институтот „Роберт Кох“, повеќето од заразените во Германија се помлади и на средна возраст. Повеќе од 77 отсто од нив се на возраст од 15 до 59 години.
- Направени се повеќе од 40.000 тестирања
Германија води стратегија за широко распространето тестирање за да ги открие заразените и да ги изолира, во обид да го спречи ширењето на вирусот.
Досега се направени повеќе од 410.000 тестирања за коронавирус низ целата област, вклучително и за луѓе што покажуваат само благи симптоми.
Вирусот што за првпат се појави во Вухан, Кина, во декември минатата година, се прошири во најмалку 200 земји и региони низ светот, додека бројот на детектирани случаи на заразени со новиот тип коронавирус изнесува 532.000, Од последиците предизвикани од овој вирус починаа над 24.000 лица. Излечени се вкупно 122.000 лица.