Ayhan Şimşek
08 Ноември 2021•Ажурирај: 09 Ноември 2021
БЕРЛИН (АА) - Германските власти денес започнаа со спроведување построги мерки против Ковид-19 поради алармантниот пораст на бројот на новозаразени, јавува Агенција Анадолија (АА).
Неделната стапка на инциденца во земјата се искачи на 201,1 на 100.000 луѓе, означувајќи ја највисоката бројка од почетокот на пандемијата минатата година.
Во источната сојузна покраина Саксонија, построги правила стапуваат на сила од денес (8 ноември), со нови ограничувања за невакцинираните лица.
Според „правилото 2Г“ само на оние што се вакцинирани или го прележале коронавирусот дозволен им е пристап во ресторани, барови и на културни настани. Носењето на ФФП2-маска стана задолжително во такси, возови, автобуси и трамваи.
Саксонија и соседната Тирингија се моментално двете сојузни покраини со најголема инциденца на случаите на коронавирусот, повеќе од двојно од националниот просек. Тие се исто така покраини со најниска стапка на вакцинација.
Властите во Тирингија исто така најавија построги мерки од денес, воведувајќи го правилото „3Г“ за рестораните и активностите во затворен простор, барајќи доказ за вакцинација, доказ за прележување на вирусот или негативен тест.
Од учениците се бара да бидат тестирани за коронавирусот и да носат маска на секој час.