Tevfik Durul
11 Декември 2020•Ажурирај: 13 Декември 2020
АТИНА
Грција ги соопшти новите правила за повторно отворање на трговските објекти што во периодот на пандемијата на коронавирусот ќе важат за време на божиќните и новогодишните празници, известува Агенција Анадолија (АА).
Стелиос Петсас, портпаролот на Владата на Грција, одржа прес-конференција на која зборуваше за донесените одлуки за олабавување на воведените рестрикции што треба да важат за време на претстојните божиќни и новогодишни празници.
Соопштувајќи дека продавниците за малопродажба ќе бидат отворени во периодот од 14 декември до 7 јануари, Петсас истакна дека од овие продавници ќе може да се подигнат производите што се нарачани преку интернет, но на потрошувачите нема да им биде дозволено да шетаат низ продавниците.
Петсас информира дека почнувајќи од 14 декември, фризерските салони и берберниците ќе бидат отворени од 7:00 до 21:00 часот, а од идната недела и книжарниците ќе можат д им ги понудат своите услуги на потрошувачите, во неделите под услов да биде ограничен бројот на клиенти кои истовремено би биле во продавницата.
Соопштувајќи дека лицата коишто ќе влезат во Грција со авион во периодот од 18 декември до 7 јануари ќе бидат предмет на тридневен задолжителен карантин од денот на пристигнувањето, Петсас посочи дека овие луѓе пред полетувањето од аеродромите во своите земји, покрај задолжителниот антиген тест, ќе треба да достават и негативен ПЦР-тест.
Петсас нагласи дека сегашниот полициски час што се применува од 21:00 до 5:00 часот е ажуриран за периодот од 22:00 до 5:00 часот, додавајќи дека граѓаните ќе можат да ги напуштат своите домови од причини како што се здравје, шопинг и спорт, под услов да ги известат властите преку СМС-порака.
Владиниот портпарол Петсас, покрај тоа, изјави дека црквите во земјата ќе бидат отворени само за Божиќ и Водици, под услов да бидат преземени потребните мерки.
Поради сериозното зголемување на бројот на лица позитивни на Ковид-19, во земјата, почнувајќи од 7 ноември, беше прогласен карантин и воведен полициски час во периодот од 21:00 до 5:00 часот.
Националната агенција за јавно здравје на Грција објави дека бројката на пациенти заразени со Ковид-19 во земјата што се поврзани со респиратор се намалила од 578 на 571.
Вчера во Грција беа детектирани 1.534 нови случаи на заразување со коронавирусот, а 81 лице починаа од последици предизвикани од Ковид-19.
Од почетокот на епидемијата во Грција досега евидентирани се 121.253 лица позитивни на коронавирусот и 3.370 починаа поради Ковид-19.