Ahmet Furkan Mercan
28 Април 2020•Ажурирај: 29 Април 2020
ТОКИО (АА) - Претседателот на Комитетот за организација на Олимписките игри во Токио, Мори Јоширо, рече дека Олимпијадата во Токио може да биде откажана доколку епидемијата на новиот вид коронавирус (Ковид-19) претставува закана и следната година, пренесува Агенција Анадолија (АА).
За јапонската медиумска куќа „Никан спортс“ (Nikkan Sports), претседателот на Комитетот, Мори, се осврна на најновата состојба со коронавирусот во земјата и на Олимписките игри одложени за наредната година.
На прашањето: „Ако ефектот на вирусот продолжи и во 2021 година, дали игрите ќе бидат одложени до 2022 година?“, Мори одговори: „Не, во тој случај ќе бидат откажани.“
Потсетувајќи дека олимпијадите биле одложувани за време на воени периоди, Мори рече дека Ковид-19 е невидлив непријател.
„Ако вирусот биде успешно контролиран, нашите игри ќе ги организираме следното лето“, нагласи Мори.
Олимписките игри во Токио 2020 година требаше да се одржат од 24 јули до 9 август оваа година, но поради епидемијата беше одлучено да се одржат од 23 јули до 8 август 2021 година.