Handan Kazancı
28 Април 2020•Ажурирај: 28 Април 2020
РИМ (АА) - Италијанскиот премиер, Џузепе Конте, синоќа изјави дека е рано за Италија да ги укине мерките воведени против коронавирусот и животот да се врати во нормала, јавува Агенција Анадолија (АА).
Неговиот коментар уследи во текот на посетата на северниот регион Ломбардија, најтешко погоден со вирусот, со над 13.000 смртни случаи.
Во разговорот со новинарите Конте детално ја опиша втората фаза на преодните мерки, што ќе започне од 4 мај и ќе им овозможи на некои клучни компании повторно да почнат со работа по седумнеделен прекин.
„Сите се надеваа дека наскоро сè ќе се врати во нормала, но нема услови да се вратиме во нормала. Тоа мора да го кажеме јасно и гласно“, рече Конте.
Конте во неделата ја најави втората фаза на намалување на рестриктивните мерки во земјата.
Меѓутоа ги предупреди Италијанците дека олабавувањето на мерките нема да значи и крај на правилата за физичко дистанцирање кои се нужни за да се спречи нов пораст на бројот на заразени.
Движењето на луѓето во сите региони и понатаму ќе биде ограничено поради строгите здравствени и економски причини.
Во Италија, која е меѓу најпогодените земји со коронавирусот во Европа, досега се регистрирани 26.977 смртни случаи предизвикани од вирусот.