Ekipa
07 Септември 2020•Ажурирај: 08 Септември 2020
ЊУ ДЕЛХИ (АА) - Индија го надмина Бразил во бројот на потврдени случаи на вирусот Ковид-19, со што стана втора најпогодена земја во светот, јавува Агенција Анадолија (АА).
Министерството за здравство утринава објави податоци во кои се покажува дека вкупниот број случаи на Ковид-19 во Индија достигнал 4,2 милиони, со 90.802 новозаразени лица, надминувајќи го Бразил, кој има вкупно 4.137.521 потврден случај на заразување.
Ова е втор ден по ред во кој во Индија се регистрирани повеќе од 90.000 случаи.
Бројот на починати од последиците на вирусот во Индија достигна 71.642, при што во последните 24 часа се потврдени 1.016 смртни случаи.
Додека во Индија е забележан рекорден број на потврдени случаи на Ковид-19, Министерството за здравство тврди дека има пораст во бројот на оздравени на дневно ниво.
Во неделата, втор ден по ред, во земјата е забележано оздравување на повеќе од 70.000 пациенти, со што вкупниот број на оздравени во земјата изнесува речиси 3,2 милиони.
Локалните експерти тврдат дека до крајот на септември, Индија може да ги надмине дури и САД во бројот на случаи на заразување со Ковид-19.