Mehmet Ali Derdiyok
21 Март 2020•Ажурирај: 23 Март 2020
ИСТАНБУЛ (АА) - МЕХМЕТ АЛИ ДЕРДИЈОК -
Новиот вид коронавирус (Ковид-19), кој ги погоди повеќе земји во светот, го промени начинот на поздравување, како и многу други обичаи. Лицата кои избегнуваат ракување веќе се поздравуваат без контакт, пишува Агенција Анадолија (АА).
Претседателот на Турција, Реџеп Таип Ердоган, кој вели дека го избегнува ракувањето со цел да се заштити од коронавирусот, високите функционери со кои се состанува, ги поздравува поставувајќи ја својата рака на срцето.
Експертите истакнуваат дека овој начин на поздравување кое е користено од здравствени причини, всушност е елемент на турската култура.
Ниѓар Ајилдиз, експерт за јазик на телото, во изјава за АА истакна дека социјалното дистанцирање е потребно не само за заштита од коронавирусот, туку и за здраво спроведување на каква било комуникација.
Таа рече дека во обуките кои ги организира, се осврнува на оваа тема, и додаде: „Во обуките често објаснуваме дека интимната зона е на 45 сантиметри, приватната зона е на 120 сантиметри, социјалната зона е на 220 сантиметри, додека заедничката зона е на повеќе од 220 сантиметри. Но, денес е уште поважно од кога било да не се прекршуваат овие зони.“
Ајилдиз нагласи дека најголемите епидемии во историјата се случиле во периодот на владеењето на Фатих Султан Мехмет, Султан Сулејман, Султан Абдулмеџид и Султан Абулхамид Втори во османлискиот период, и дека овие епидемии, како и други фактори, биле причина за промени во структурата на културата.
„Овие промени најмногу ги забележуваме во начинот на поздравување“, нагласи таа.
Според неа, јазикот на телото е 60 отсто ефективен во комуникацијата, и луѓето, поголемиот дел од одлуките во врска со нас, ги донесуваат гледајќи го јазикот на нашето тело.
Ајилдиз истакна дека користењето на рацете е многу важно во социјализацијата и јазикот на телото.
„Рацете се органи кои најотворено ја објаснуваат довербата кон другата страна. Влијанието на допирот кај сите живи суштества е непобитен. Преку тоа можеме да ја разбереме важноста на ракувањето“, рече Ајилдиз.
Таа нагласи дека забележани се промени во начините на ракување и поздравување пред и по појавувањето на коронавирусот, бидејќи, според неа, рацете играат многу голема улога во пренесувањето на болестите.
„Затоа, сите настани и епидемии кои ги претрпуваме како народ, предизвикуваат големи промени врз структурата на културата“, истакна Ниѓар Ајилдиз, експерт за јазикот на телото.