Jeyhun Aliyev
04 Февруари 2021•Ажурирај: 04 Февруари 2021
КУВАЈТ (АА) - Властите на Кувајт најавија дека од 7 февруари на период од две недели ќе го забранат влезот на сите странски државјани за да го запрат ширењето на коронавирусот во таа заливска земја, јавува Агенција Анадолија (АА).
Советот на министри на Кувајт соопшти дека во тој период границата ќе можат да ја преминат само лица кои посетуваат најблиски роднини од прв степен и работниците, но дека сите по влезот во Кувајт ќе мора да поминат одреден период надзор во карантин.
Во низата рестриктивни мерки со цел сузбивање на ширењето на Ковид-19, Кувајт воведе и забрана на работата на сите трговски центри, ресторани и други субјекти во период од 20:00 до 5:00 часот изутрина.
Работата е дозволена само на аптеките, продавниците со медицинска опрема и продавниците за прехранбени артикли.
Во Кувајт од почетокот на пандемијата на Ковид-19, со вирусот се заразени 167.410 луѓе, а од последиците на вирусот починаа 961 лице.