Davut Demircan
21 Април 2020•Ажурирај: 22 Април 2020
АНКАРА (АА) - Саудиска Арабија го откажа одржувањето на терави-намазот (молитва) во двете џамии во Мека и Медина, со цел да го спречи ширењето на новиот вид коронавирус, пренесува Агенција Анадолија (АА).
„Терави-намазот - вечерна молитва која се извршува во текот на месецот Рамазан, ќе се одржи без присуство на верниците во Големата џамија [„Месџид ал Харам“] и Џамијата на божјиот пратеник Мухамед [„Месџид ал Небии“]“, соопшти Абдул Рахман Ас-Судаис, претседател на Генералното претседателство за работи поврзани со двете свети џамии.
„Терави-намазот ќе го изведува само персоналот“, истакнува Ас Судаис во соопштението објавено на Твитер.
Во него се додава дека итикафот - исламска практика на изолирање на верникот во џамија неколку дена со цел целосно посветување на Бога - е откажана во двете џамии.
Се истакнува и дека суспендирањето на обредот Умра останува, сѐ до понатамошно известување.
Вирусот Ковид-19, откако за првпат се појави во кинескиот град Вухан изминатиот декември, се прошири во речиси 200 земји и региони во светот. Европа и Соединетите Американски Држави (САД) се најтешко погодените региони.
Во светот има над 2,4 милиони заразени со вирусот и над 170.000 смртни случаи. Повеќе од 647.000 луѓе се излекувани, покажуваат податоците на американскиот Универзитет „Џонс Хопкинс“.