Ömer Faruk Yıldız
29 Април 2021•Ажурирај: 30 Април 2021
КУАЛА ЛУМПУР
Малезиската Влада од списокот на Националната програма за имунизација ја отстрани вакцината против короновирусот (Ковид-19), развиена од „АстраЗенека“, по загриженоста на јавноста дека предизвикува згрутчување на крвта, известува Агенција Анадолија (АА).
Говорејќи пред новинарите, министерот за наука, технологија и иновации на Малезија, Хајри Џемаледин, изјави дека иако е докажано дека не постои ризик од вакцината на „АстраЗенека“, сепак тие ги зеле предвид сомневањата на јавноста.
Хајри истакна дека по неговата средба со премиерот и министерот за здравство, од списокот на вакцини одобрени од страна на Националната програма за имунизација против Ковид-19, отстранета е вакцината на „АстраЗенека“ и додаде: „Залихите од вакцината на „АстраЗенека“ што ги имаме, за да не се фрлат, ќе им бидат дадени само на граѓаните кои за тоа доброволно ќе се пријават.“
Владата на Малезија планираше 268.800 дози од вакцината на „АстраЗенека“, кои пристигнаа во земјата на 23 април, како дел од Глобалната програма за пристап до вакцинација против Ковид-19 (COVAX), да им ги даде на граѓаните на возраст од 60 и повеќе години.
Во Малезија, земја со популација од околу 32 милиони, Владата постигна договор за набавка на вкупно 66,7 милиони дози на вакцините на „Фајзер-БајоНТех“, „Синовак“, „СанСиноБИО“ и „Спутник ве“.
Владата на Малезија, која досега успеа да вакцинира 1.335.641 лице, има за цел да обезбеди 70 % имунитет во земјата.