Ahmet Karaahmet,Mehmet Burak Karacaoğlu
29 Април 2021•Ажурирај: 30 Април 2021
ИДЛИБ (АА) - МЕХМЕТ БУРАК КАРАЏАОГЛУ/АХМЕТ КАРААХМЕТ -
Сѐ подлабоката економска криза и задолжителната воена мобилизација се причини поради кои сѐ поголем број луѓе ги напуштаат регионите на Сирија кои се под контрола на режимот на Башар ал Асад и бараат спас во регионите под контрола на сириската опозиција, јавува Агенција Анадолија (АА).
Жител на Тартус, вториот најголем пристаништен град на медитеранскиот брег на Сирија, Али Тартуси, за АА изјави дека економската криза станала неиздржлива во тој и во другите региони под контрола на режимот на Асад.
„Економската ситуација во Сирија е катастрофална. Народот дава сѐ од себе за да заработи парче леб за преживување. Режимот не го обезбедува народот ниту со гориво“, изјави Тартуси во разговорот во кој бараше да не му се прикажува лицето поради безбедносни причини.
Истакнувајќи дека режимот на Асад не исплатува ниту плати на јавните службеници, Тартуси изјави дека поголемиот дел од луѓето во Сирија живеат под границите на сиромаштијата.
„Граѓаните чекаат по 48 часа во редови пред бензинска за да купат ограничено количество гориво. Богатите пак даваат мито и така обезбедуваат што сакаат. Сиромашните семејства зимата ја поминаа греејќи се само со ќебиња. На обичниот човек во Сирија му е тешко да дојде и до парче леб“, изјави Тартуси.
Тој особено е загрижен за младите во регионите под контрола на режимот на Асад и смета дека нивната иднина е многу неизвесна.
„Мобилизираните за служење на воен рок тешко се враќаат во цивилни одела. Знам луѓе кои десет години се во војска. Затоа и побегнав и спас побарав во регионот под контрола на опозицијата. Побегнав од режимот за во Идлиб да се школувам, да најдам работа и да обезбедам иднина“, изјави Тартуси.
И Хабиб Јазен побегнал од Тартус и засолниште побарал во Идлиб кој е под контрола на сириската опозиција, а за АА изјави дека морето и пристаништето на Сирија ги контролира Русија. Тој додаде дека руските сили поставиле голем број контролни пунктови и дека ја контролираат трговијата во Сирија.
„Економската криза е сѐ полоша. Русија во Сирија работи во согласност со сопствените интереси. Никој не може да прифати државата да му биде продадена на некоја друга земја“, изјави Јазен.
Тој исто така изјави дека режимот на Асад не прави ништо за сирискиот народ, туку му го зема и она што го има.
„Дневно струја доаѓа по два часа. Нема доволно леб за сите луѓе. Сѐ е многу скапо и цените и понатаму растат. Не можев да го организирам животот во регионот под режимска контрола“, изјави Јазен.