Tuba Şahin
31 Март 2020•Ажурирај: 01 Април 2020
АНКАРА (АА) - Новата еколошка болница во Истанбул, Турција, ги отвори своите врати порано од очекуваното поради пандемијата на коронавирусот Ковид-19, јавува Агенција Анадолија (АА).
Исламската банка за развој обезбеди 158,9 милиони евра за проектот на болницата „Окмејдани“, што се очекуваше да биде завршена и официјално отворена во мај.
„Над 600 болнички кревети опремени со најсовремена технологија, вклучително и 99 високотехнолошки единици за интензивна нега им се ставени на услуга на пациентите заразени со коронавирусот“, се вели во соопштението од Групацијата.
Старата болница за обука и истражувања „Окмејдани“ беше срушена во рамките на Истанбулскиот проект за намалување на сеизмичкиот ризик, и изградена е нов објект на истото место.
Салах Џеласи, регионален директор на Групацијата за Турција, истакна дека болницата е отворена во услови кога тоа е најпотребно.
„Реконструирањето и со тоа претворањето на старата болница во најсовремена здравствена установа отпорна на сеизмички потреси, исто така ќе игра улога на главен центар на стручност во полето на кардиологијата и трансплантацијата на органи“, рече Џеласи.
„Покрај својата високо сеизмички отпорна структура, новиот објект на болницата вклучува неколку големи дворни површини кои можат да се користат како засолништа при можни земјотреси“, се додава во соопштението.
Истанбул се наоѓа во сеизмички високоризичен регион и Турција претрпе над стотина големи земјотреси со јачина од и над 6 степени според Рихтеровата скала во текот на минатиот век.
Поради тоа Владата презеде големи чекори за усвојување стратегија за сеизмички безбедни објекти во обид да се намалат ризиците при поголеми земјотреси, особено за објектите од јавен карактер, вклучително и болниците и други центри за итни случаи.
Според податоците на турското Министерство за здравство, бројот на смртни случаи предизвикани од коронавирусот во Турција достигна 168, а заразени се 10.827 лица.
Откако за првпат се појави во кинескиот град Вухан минатиот декември, новиот вид коронавирус, официјално познат како Ковид-19, се прошири во најмалку 177 земји и територии.
Во светот се регистрирани над 786.000 случаи, а бројот на починати изнесува над 37.900.