МАДРИД (АА) - Бројот на починати лица во Шпанија од новиот вид коронавирус (Ковид-19) се зголеми за 426 во однос на вчерашниот ден, а бројот на заболени се зголеми за 4.517, пренесува Агенција Анадолија (АА).
Министерството за здравство на Шпанија ги ажурираше податоците за Ковид-19.
Според статистиката дадена за последните 24 часа, достигната е највисока дневна бројка на смртни случаи.
Министерството соопшти дека бројот на починати се зголеми на 2.182, а бројот на случаи се зголеми на 33.089.
Бројот на пациенти кои се наоѓаат на интензивна нега во земјата изнесува 2.355.
Во меѓувреме, во Мадрид, кој беше најпогоден од Ковид-19, бројот на починати се зголеми на 1.263, со зголемување од 242 во однос на вчерашниот ден. Има 10.575 пациенти дијагностицирани со Ковид-19 во Мадрид, каде што хотелите и саемот се претворени во болници.
- Вирусот пренесен на 12 отсто од медицинскиот персонал -
Според податоците на шпанското Министерство за здравство, кај 3.475 здравствени работници е дијагностициран Ковид-19. Тоа одговара на 12 проценти од вкупниот број.
Во Мадрид на 600 здравствени работници им беше дијагностициран коронавирус, додека 1.400 здравствени работници се ставени во изолација во нивните домови заради превенција бидејќи имале директен допир со инфицираните.
Во земјата денес започнуваат брзите тестови за Ковид-19. Официјалните лица на Министерството за здравство изјавија дека 640 илјади комплети за брзо тестирање ќе бидат применети најпрво за здравствениот персонал и за итните случаи, а потоа ќе се користат и кај други пациенти.
Покрај тоа, 62-годишната вицепремиерка Кармен Калво е хоспитализирана во Мадрид поради проблеми со дишењето, а резултатот од тестот за Ковид-19 се очекува да пристигне.
Во меѓувреме, шпанските медиуми потенцираат дека земјата влегува во најкритичната недела во епидемијата на Ковид-19.
Се предвидува дека во Мадрид, Каталонија, Баскија, Кастиља ла Манча бројот на смртни случаи во текот на оваа недела ќе се зголеми поради Ковид-19.
Министерот за внатрешни работи, Фернандо Гранде Марласка, соопшти дека 60 илјади лица се казнети, а 600 лица се приведени поради кршење на законите од вечерта на 14 март кога започна вонредната состојба.
Шпанската Влада, која одлучи да ја продолжи вонредната состојба до 11 април, во наредните денови ќе побара одобрение од Парламентот.