Elena Teslova
06 Мај 2020•Ажурирај: 07 Мај 2020
МОСКВА
Во текот на изминатите 24 часа во Русија се потврдени 10.559 нови случаи, а вкупниот број на заразени изнесува 165.929, јавува Агенција Анадолија (АА).
Руските надлежни служби соопштија дека во истиот период починале 86 лица, со што вкупниот број на починати од пандемијата досега изнесува 1.537.
Досега се излекувани 21.327, меѓу нив 1.462 пациенти се пуштени од болница од вчера.
Во меѓувреме, речиси 227.000 лица се наоѓаат под медицински надзор под сомнение дека се заразени со Ковид-19.
Повеќе од 4,6 милиони тестови, вклучително и 1 милион во главниот град Москва, најтешко погодената област, се спроведени во земјата за откривање на инфекцијата во рана фаза.
За да се намали ширењето на вирусот, Русија ги затвори своите граници кон странците и луѓето без државјанство и го прекина меѓународниот воздушен и железнички сообраќај.
Според рускиот министер за здравство, Михаил Мурашко, рестриктивните мерки ќе продолжат сè додека не се појави вакцина за вирусот, нешто што најрано се очекува оваа есен.
Тројца високи руски официјални претставници беа хоспитализирани минатата недела поради вирусот, вклучувајќи го и премиерот Михаил Мишустин.
Откако за првпат се појави во кинескиот град Вухан, вирусот се рашири во најмалку 187 земји и региони во светот, покажуваат податоците на Центарот за податоци за коронавирусот при американскиот Универзитет „Џонс Хопкинс“.
Во светот има над 3,74 милиони позитивни на тестот за Ковид-19, над 258.840 смртни случаи и приближно 1,25 милиони оздравени пациенти.