Bayram Altuğ
30 Август 2021•Ажурирај: 02 Септември 2021
ЖЕНЕВА (АА) - Раководството на Светската здравствена организација (СЗО) и Фондот на Обединетите нации за помош на децата (УНИЦЕФ) упатија апел до надлежните власти во Европа и Централна Азија да ги преземат потребните епидемиолошки мерки и да одржуваат настава во сите училишта, јавува Агенција Анадолија (АА).
Директорот на СЗО за Европа, Ханс Клуге, изјави дека пандемијата на Ковид-19 имала најтешки последици по образованието и дека затоа е исклучително важно да се продолжи образовниот процес без затворање на училиштата.
„Наставата во училиштата има голема важност за менталното здравје, социјалните способности и развојот на среќна и продуктивна популација“, рече Клуге и додаде дека надлежните власти треба да продолжат да ги спроведуваат превентивните епидемиолошки мерки, а првенствено процесите на вакцинација и носење заштитни маски.
Нагласувајќи дека имунизацијата претставува единствениот пат кон повторно отворање на општествата и стабилизирање на економијата, Клуге рече дека СЗО вложува големи напори за отстранување на потешкотиите во производството и дистрибуцијата на антиковид вакцините.
„Сите училишта во Европа и Централна Азија треба да останат отворени. Вакцинацијата е право на човекот, но воедно е и негова одговорност. Застојот во набавката на вакцини е извор на голема загриженост“, рече Клуге.
Изразувајќи загриженост поради растот на бројот на новозаразени со коронавирусот во повеќето држави, Клуге рече дека до крајот на годината во Европа од последици предизвикани од Ковид-19 би можело да умрат 200.000 луѓе.
Заменик-шефот на УНХЦР за Европа и Централна Азија, Филип Кори, предупреди дека пандемијата на Ковид-19 не е завршена.
„Сите сме должни да ги преземеме потребните чекори со цел сите училишта во регионот да останат отворени“, порача Кори.
Од СЗО и УНИЦЕФ советуваат да се вакцинираат сите вработени во училиштата и учениците постари од 12 години кои имаат здравствени проблеми, и наставата во училиштата да се организира во што помали одделенија и со редовни тестирања за Ковид-19.