Cüneyt Karadağ
15 Април 2020•Ажурирај: 17 Април 2020
БЕРЛИН
Генералниот секретар на НАТО, Јенс Столтенберг, изјави дека Турција е една од земјите што најмногу им помагаат на сојузниците во борбата против Ковид-19, јавува Агенција Анадолија (АА).
Столтенберг во изјавата за „Франкфуртер алгемајне цајтунг“ („Frankfurter Allgemeine Zeitung“) ја пофали Турција, која од избивањето на пандемијата испратила помош во 39 земји.
Говорејќи дека Турција е една од земјите кои најмногу им помагаат на сојузниците во борбата против ширењето на Ковид-19, Столтенберг истакна дека турскиот воен авион, кој доставил помош на Велика Британија, за првпат го користел механизмот на НАТО за брза воздушна мобилност, што ги поедноставило процедурите за воените хуманитарни летови.
Тој изјави дека овој механизам е овозможен со соработката на НАТО и Европската организација за безбедност во воздухопловството (ЕУРОКОНТРОЛ).
Столтенберг потсети дека Турција испратила помош и на Северна Македонија, која неодамна стана членка на НАТО-сојузот, и изјави дека датумот за пристап во Сојузот од овој аспект нема никакво значење.
„Не е важно дали некоја земја е членка на НАТО од 1949 година или станала пред две недели. Северна Македонија прими помош од Турција, Холандија, Чешка, Унгарија, Норвешка и САД. Тоа не е важно само за Северна Македонија, туку за сите земји членки. Вирусот не познава граници. Затоа мораме да се бориме со заеднички сили“, изјави Столтенберг.