Mutlu Demirtaştan
08 Септември 2020•Ажурирај: 08 Септември 2020
ИСТАНБУЛ
На тенискиот турнир УС Опен во машка поединечна конкуренција вториот носител Доминик Тим и третиот носител Данил Медведев извојуваа победи и се пласираа во четвртфиналето на овој турнир, известува Агенција Анадолија (АА).
На осмиот ден од тенискиот турнир УС Опен, што се одржува во американскиот град Њујорк, се одиграа натпреварите од четвртото коло.
Австрискиот тенисер Тим играше против 15. носител, Канаѓанецот Феликс Оже Алијасим. Во натпреварот, што траеше 2 часа и 7 минути, Тим извојува победа од 3:0 (7-6, 6-1 и 6-1 по сетови) и се пласираше во четвртфиналето на турнирот, каде што ќе се сретне со 21. носител Австралиецот Алекс Де Минаур.
Минатогодишниот финалист, Русинот Медведев, во четвртото коло на турнирот играше против Американецот Френсис Тиафо. Во натпреварот што траеше 1 час и 38 минути Медведев извојува победа од 3:0 (6-4, 6-1 и 6-0 во сетови). Во четвртфиналето Медведев ќе игра против својот сонародник Андреј Рублев, 10-тиот носител на овој турнир.
- Во женска поединечна конкуренција испадна Кенин
Во женска поединечна конкуренција, втората носителка, Софија Кенин, не успеа да го избегне поразот од Белгијката Елисе Мертенс, 16. носителка на турнирот.
Во натпреварот што траеше 1 час и 15 минути Мертенс извојува победа од 2:0 (6-3, 6-3). Во четвртфиналето на турнирот во женска конкуренција Мертенс ќе игра против Белорусинката Викторија Азаренка.
- Програма на 9. ден од турнирот
На деветтиот ден од УС Опен ќе се играат натпреварите од четвртфиналето. Во женска поединечна конкуренција Јапонката Наоми Осака ќе игра против Американката Шелби Роџерс. На 23. носителка на турнирот, Јулија Путинцева, противничка ќе ѝ биде 28. носителка на турнирот, Американката Џенифер Бреди.
Во машка поединечна конкуренција, 5. носител на турнирот, Германецот Александар Зверев, ќе игра против 27. носител, Хрватот Борна Чориќ, додека во другиот четвртфинален натпревар 12. носител, Канаѓанецот Денис Шаповалов, ќе игра против 20. носител на турнирот, Шпанецот Пабло Карено-Буста.