Servet Günerigök
04 Октомври 2020•Ажурирај: 05 Октомври 2020
ВАШИНГТОН
Американскиот претседател, Доналд Трамп, од болницата ја изнесе состојбата на неговото здравје, велејќи „Почнувам да се чувствувам добро“, пренесува Агенција Анадолија (АА).
Во четириминутното видео од медицинскиот центар „Волтер Рид“, каде што се наоѓа на лекување од коронавирусот, Трамп призна дека не се чувствувал добро кога бил примен, но рече дека наскоро ќе се врати.
„Само сакам да ви кажам дека почнувам да се чувствувам добро“, рече Трамп. „Не се знае за текот на следниот период од неколку дена. Претпоставувам дека тоа е вистинскиот тест, па ќе видиме што ќе се случува во текот на следните неколку дена.“
Тој рече дека не сакал да се заклучи во Белата куќа и додаде: „Морав да бидам во првите редови, ова е Америка.“
„Не можам да бидам затворен во собата горе“, рече американскиот претседател.
За првата дама Меланија Трамп, која исто така на тестирањето во четвртокот заедно со Трамп беше позитивна на вирусот, Трамп рече дека се „чувствува добро“.
„Мислам дека ќе имаме многу добар резултат. Повторно, во текот на следните неколку дена, веројатно ќе знаеме за сигурно“, додаде тој.
Претходно, официјален претставник на Белата куќа за новинарите изјави дека виталните функции на Трамп во последните 24 часа биле многу загрижувачки, и дека следните 48 часа ќе бидат клучни.
„Сè уште не сме на јасен пат кон целосно закрепнување“, рече официјалниот претставник.