Aylin Dal
22 Април 2020•Ажурирај: 23 Април 2020
АНКАРА (АА) - Министерот за здравство на Турција, Фахретин Коџа, истакна дека во борбата против Ковид-19 Турција секој ден е сè подобра и дека податоците покажуваат дека епидемијата се наоѓа под контрола, јавува Агенција Анадолија (АА).
Коџа, по состанокот на Научниот комитет одржа прес-конференција на која се осврна на најновите податоци поврзани со Ковид-19.
„Во нашата борба против Ковид-19 секој ден сме сè подобри. Податоците покажуваат дека епидемијата се наоѓа под наша контрола“, нагласи министерот Коџа, додавајќи дека ако се спроведуваат мерките, стапката на смртност и бројот на новозаразени ќе се намалуваат.
Според податоците на турското Министерство за здравство, во последните 24 часа од Ковид-19 починале 117 лица, со што вкупната бројка на починати во земјата порасна на 2.376.
Од друга страна, во последните 24 часа регистрирани се 3.083 нови случаи на коронавирусот, со што вкупната бројка достигна 98.674.
„И покрај пандемијата, во моментот собите за интензивна нега се помалку пополнети, од пред да започне пандемијата. Собите за интензивна нега пополнети се 30 отсто. Тоа е исклучително важно за да покажеме колку сме успешни во процесот на лекување. Во Турција, еден од три кревети на [одделите на] интензивна нега е пополнет. Со оглед на тоа што во Европа се пополнети сите кревети, можеме да ја видиме разликата“, нагласи министерот Коџа.
Тој исто така изјави дека во последните 24 часа од Ковид-19 излекувани се 1.559 пациенти и дека вкупниот број на лица што го победија коронавирусот изнесува 16.477.
Осврнувајќи се на смртните случаи од Ковид-19 во земјата, министерот Коџа нагласи: „Гледаме една табела каде што во светот се зголемува, но во Турција се стабилизира. Благодарејќи на раната дијагностицирање и ефективното лекување бројот на пациентите на интензивната нега и интубираните пациенти секој изминат дел се намалува. Стапката на интубирани пациенти од 58 отсто се намали на 10 отсто. Тоа е добар показател за тоа колку сме успешни во лекувањето.“
Истакнувајќи дека нормализацијата во земјата нема да биде одложена ако се спроведуваат мерките и ако се делува свесно, министерот Коџа рече: „За да можеме по Бајрамските празници постепено да преминеме во процес на нормализација, треба строго да се применуваат најавените мерки.“
Коџа исто така рече дека Рамазанските празници не треба да бидат изговор за не се спроведуваат мерките, и дека ифтарските софри со голем број на гости, социјалните средини и рамазанските муабети треба да се одложат за идниот Рамазан.