Yusuf Özcan
23 Јуни 2020•Ажурирај: 24 Јуни 2020
ПАРИЗ (АА) - ЈУСУФ ОЗЏАН -
Шарл Сен-Про, генералниот директор на Парискиот центар за геополитички истражувања, истакна дека Франција во однос на Либија се изолирала и дека нема смисла да го поддржува Калифа Хафтар, водачот на нелегитимните вооружени сили на истокот од Либија.
Францускиот политиколог Сен-Про за АА ја оцени поддршката на Хафтар од Франција и либиската политика.
„Нема смисла да се поддржува Хатфар. Хафтар е опасен. Француската Влада нема надворешна политика. (Францускиот претседател Емануел) Макрон и (францускиот министер за надворешни работи Жан-Ив) Ле Дријан не знаат ништо во однос на надворешната политика. Поддршката на Франција за Хафтар е грешка. Исто така Хафтар е веќе надвор од игра“, нагласи Сен-Про, порачувајќи дека Франција треба да ја разгледа својата политика за Либија.
Тој нагласи дека Франција веќе треба да ја смени својата политика и треба да даде поддршка само на (либискиот премиер Фаиз) Ес-Сараџ.
„Франција, која вели дека е посветена на човековите права, треба да ги разгледа масовните гробници во Либија. Франција мора целосно да ја промени својата политика и да ѝ се доближи на Анкара. Нема смисла да се отвора војна против Турција“, подвлече Сен-Про.
Нагласувајќи дека Турција е сила на Медитеранот, Сен-Про рече:
„Политиката не се води така. Франција остана надвор од игра, тоа не го сака, но оди на погрешен пат. Франција ја прогласи Турција за главен непријател. Тоа е грешка. Турција има повеќе причини да интервенира во Либија, отколку Русија и Обединетите Арапски Емирати (ОАЕ). Русија и Обединетите Арапски Емирати не се локални сили. Без разлика дали сакаме или не, Турција е сила во Медитеранот и локално.“
Сен-Про рече дека е загрижен поради тоа што Франција е управувана од идеологии.
„Франција се изолираше самата во либискиот проблем. Глупост е Франција да го поддржува Хафтар. Згора на тоа Хафтар сега е надвор од игра. Во француската политика има недоследности. Главниот проблем беше тоа што Франција не сакаше Турција да интервенира во Либија. И тоа не е нормално. Не го разбирам ваквиот став на Франција. Не треба Турција да се земе како цел“, рече Сен-Про, наведувајќи дека Макрон и Владата ги управуваат непрофесионално настанатите кризи во многу области.
Истакнувајќи дека легитимноста на либиската Влада е прифатена од меѓународната заедница и од Обединетите нации (ОН), Сен-Про потенцира: „Франција мора да стави крај на својата темна и неразбирлива политика. Се покажа дека со Хафтар е готово и тоа е добро, бидејќи Хафтар систематски го отфрлаше политичкото решение и ја засилуваше кризата. Не направи ништо друго.“
Шарл Сен-Про рече дека Франција треба да ги осуди злосторствата извршени од Хафтар, и дека Париз најпрво треба да се доближи до Анкара и повторно да започне со својата политика на пријателство, што датира од 16 век. Заклучи дека е време да се стави крај на непријателскиот став на Франција.