Aşkın Kıyağan,Mehmet Yılmaz
13 Октомври 2020•Ажурирај: 14 Октомври 2020
ПРАГА
Владата на Чешка донесе одлука за воведување делумен карантин откако во последните недели во земјата се забележува рекордно зголемување на лицата заразени со новиот тип коронавирус (Ковид-19), јавува Агенција Анадолија (АА).
Откако во земјата бројката на заразени на дневно ниво надмина 8.000 случаи, Владата премина во акција и донесе одлука три недели да бидат затворени училиштата, рестораните, кафулињата и ноќните клубови.
Во рамките на новите мерки што стапија во сила од денес (среда, 13.10.), забрането е консумирање алкохол на јавни места. Покрај тоа, во затворени простории, на местата како што се автобуси и железнички станици, задолжително е носењето заштитни маски.
На деловните субјекти од секторот на гастрономијата дозволено им е да нудат пакет-сервиси, а колективните активности, независно дали се на отворен или затворен простор, ограничени се на најмногу 6 лица.
- Премиерот направи споредба со Италија и Израел
Андреј Бабиш, премиерот на Чешка, во изјавата дадена за медиумите истакна дека Владата е принудена да преземе нови превентивни мерки во борбата со Ковид-19, со цел вториот бран во земјата да не наликува на оној во Италија и Израел.
Министерот за здравство, Роман Примула, информираше дека поради зголемениот раст на новозаразени во земјата на дневно ниво, стапката на исполнетост на болниците се приближува до својот максимум, додавајќи дека со преземените мерки во наредните 2 до 3 недели ќе може да се стави под контрола ширењето на пандемијата.
Во последните 24 часа во Чешка се детектирани 4.311 новозаразени со Ковид-19, зголемувајќи го вкупниот број лица позитивни на коронавирусот на 121.421. Досега од последиците предизвикани од Ковид-19 починаа 1.051 лице.