Şenhan Bolelli
06 Мај 2020•Ажурирај: 06 Мај 2020
МАДРИД
Новиот тип коронавирус (Ковид-19) во Шпанија, во последните 24 часа одзеде 244 животи, со што вкупниот број на смртни случаи во оваа земја се искачи на 25.857, јавува Агенција Анадолија (АА).
Министерството за здравство на Шпанија ги ажурира податоците во врска со бројот на заразени и смртни случаи предизвикани од пандемијата на Ковид-19.
По тридневниот тренд на смртни случаи под бројката од 200 лица, во последните 24 часа во Шпанија животот го загубија 244 лица.
Вкупниот број на починати како последица на заразеност со Ковид-19 достигна 25.857.
Според изработените PCR тестови, последните 24 часа во Шпанија се регистрирани 996 новозаразени, со што вкупниот број на лица позитивни на Ковид-19 во оваа земја изнесува 220.325.
Од друга страна, бројот на лица кои оздравеле, а претходно биле позитивни на тестот на Ковид-19, во последните 24 часа е зголемен за 2.516 лица, со што бројот на вкупно оздравени се искачи на 126.002.
Во последните 24 часа во Мадрид се регистрирани 46 смртни случаи, вкупно досега 8.466 починати, со што подрачјето на главниот град е најтешко погодена област во Шпанија од пандемијата на Ковид-19. За 180 лица зголемен е и бројот на лица што се лекуваат во болница, со што е достигната бројка од 41.031.
- Шпанскиот Парламент дискутира околу продолжувањето на вонредната состојба
Во меѓувреме во шпанскиот Парламент се дискутира околу барањето на левоориентираната шпанска коалициска Влада за продолжување на вонредната состојба во земјата која е на сила до 9 мај, а воведена на 14 март како превенција против ширењето на новиот тип коронавирус.
Според Уставот на Шпанија, вонредната состојба може да биде продолжена најмногу 15 дена, а Владата по четврти пат излезе пред Парламентот, но овој пат, примајќи остри критики, ја загуби поддршката од опозицијата.
Во првите три барања Владата ја имаше поддршката на главната опозициска Народна партија која е десноориентирана, но овој пат Народната партија ја повлече својата поддршка, изјаснувајќи се на гласањето како „воздржана“.
Пабло Касадо, лидерот на Народната партија, го критикуваше постепеното нормализирање на процесот во Шпанија објавено од Владата на Шпанија на 4 мај, нарекувајќи го „руски рулет“, изјавувајќи дека од Владата очекува да изработи „план Б“ во период од 15 дена.
Сантијаго Абаскал, лидерот на екстремно десноориентираната партија Вокс, која е трета по големина политичка партија во Шпанија, изјави дека како и претходниот пат, во Парламентот ќе гласа „против“.
Абаскал од шпанската Влада побара да поднесе оставка, тврдејќи дека „покажа најлошо менаџирање на ситуацијата против пандемијата на Ковид-19“.
Премиерот Педро Санчез истакна дека и покрај постепеното преминување на нормализирање на состојбата, потребно е продолжување на вонредната состојба со цел да не се запостават превентивните мерки, додавајќи: „Во моментов голема и непростлива грешка би била да не се продолжи вонредната состојба“.
Санчез истакна дека во периодот на нормализирање на состојбата во земјата, предвидува да се премине во првата фаза, при што по 11 мај во земјата се планира да се прогласи „ден на жалост“ за сите кои ги загубија животите поради Ковид-19.
На шпанската малцинска Влада која е формирана во јануари за продолжување на вонредната состојба ѝ е потребно „просто мнозинство“.
Вечер во шпанскиот Парламент ќе се гласа за продолжување на вонредната состојба до 24 мај, а поддршка за тоа најавија Партијата на граѓаните (C's) и Баскиската националистичка партија (PNV).