Edıta Zekjırovıc
26 Мај 2022•Ажурирај: 27 Мај 2022
СКОПЈЕ (АА) - Министерката за култура, Бисера Костадиновска-Стојчевска, одржа брифинг со новинарите на кој информира за тековните активности на Министерството за култура и посака овие средби да станат редовни со цел преку заедничка соработка културните активности да се издигнат на повисоко ниво и да се стави фокус на убавите работи во културата, јавува Агенција Анадолија (АА).
„На младите генерации треба вниманието да им се сврти кон креативноста на сопствениот јазик, бидејќи во голема мера се изложени на странски јазици. Со таа цел ќе се организираат конкурси за пишување, како проекти кои ќе служат за афирмирање на македонскиот јазик“, рече министерката Костадиновска-Стојчевска.
Таа потсети дека сѐ уште имаме претстави како „Парите се отепувачка“, „Бегалка“ кои се класици, но дека треба да се искористи и инвентивноста на младите драматурзи, па и да се распише конкурс од ваков вид, кој ќе следува во иднина, во соработка со Факултетот за драмски уметности, за една нова, посовремена, македонска национална драма.
Во рамките на Стратешкиот дијалог со Соединетите Американски Држави, министерката е дел од делегацијата која ќе замине во Вашингтон. Таа истакна дека еден сегмент од овој дијалог е посветен на законските решенија кои се потребни за да се спречи нелегалната трговија на уметнички дела и артефакти итн.
„Вториот дел е „fulbright program“, програма која не е само за образовна размена, туку и за многу грантови од областа на културата. Сакам тука малку да ја зголемиме соработката, бидејќи сметам дека е време да користиме фондови и практики однадвор, не само од ЕУ“, рече министерката Костадиновска-Стојчевска.
Министерката Костадиновска-Стојчевска истакна дека има одлична соработка со министерката за култура на Албанија и извести дека е во крајна фаза реституцијата на икони кои се пронајдени во Албанија.
Таа ги сподели и импресиите од Ватикан, од аудиенцијата кај поглаварот на Римокатоличката црква, папата Франциск, како и од концертот на тенорот Благој Нацоски по повод одбележувањето на Денот на браќата Кирил и Методиј.
„Благој Нацоски, тој е нашиот амбасадор. Концертот помина феноменално. Импресиите беа на високо ниво“, рече министерката.
На новинарско прашање дали со ребалансот на буџетот ќе има кратења во културата, каде точно ќе има и колку тоа ќе се одрази врз капиталните проекти, министерката истакна:
„Ние во самото Министерство за култура веќе направиме одредени кратења, за да можеме да скратиме ние од кај нас, за да не трпат оние други културни манифестации коишто се финансираат преку годишната програма. Има кратења секаде, и од буџетот на Министерството, но ќе следуваат кратења и од оние други финансирања кои ние како Министерство ги имаме на располагање. Капиталните инвестиции сега-засега остануваат исти, бидејќи треба да вложуваме подеднакво и во повисоки плати, но и во објекти на културата.“
Министерката се осврна и на работата со меѓувладината работна група за соработка со Бугарија.
„На последната средба го потпишавме Договорот за соработка, значи, планот за работа. Она што си е предвидено во тој договор за соработка од областа на културата меѓу Република Северна Македонија и Бугарија си тече, бидејќи тоа се активности кои се постојани и кои ние ги имаме неколку години наназад, а во договорот само ги ставивме на хартија. Тие се размена не само на искуства, туку и наши гостувања во Република Бугарија. Знаете дека имаме културно-информативен центар во Софија, тој си има активна програма“, рече министерката.