07 Декември 2021•Ажурирај: 09 Декември 2021
РИЈАД (АА) - Во западниот крајбрежен град Џеда во Саудиска Арабија е отворен досега првиот Меѓународен филмски фестивал во земјата, јавува Агенција Анадолија (АА).
„Инаугуративната сесија на Меѓународниот филмски фестивал на Црвеното Море започна од историскиот град Џеда“, објави Управата на фестивалот преку Твитер.
Во соопштението на 9 декември организаторите соопштија дека филмскиот фестивал ќе се одржи од 6-15 декември на источниот брег на Црвеното Mоре во Џеда, која како место влегува во листата на светско наследство од Организацијата за образование, наука и култура на Обединетите нации (УНЕСКО).
Исто така, се наведува дека на свеченото отворање ќе присуствуваат филмски ѕвезди, режисери, професионалци од областа на медиумите и филмската индустрија од целиот свет.
Говорејќи на отворањето, Мухамед Ал Турки, претседател на Советот на Меѓународниот филмски фестивал на Црвеното Море, го изрази своето задоволство за отворањето на фестивалот.
„Ова е моментот што го чекавме долго време“, рече Ал Турки.
Програмата на Фестивалот вклучува 138 долгометражни и краткометражни филмови од 67 земји на 34 јазици, вклучувајќи 25 светски премиери, 48 арапски премиери и 17 премиери во регионот на Персискиот Залив, велат организаторите.
Започнувањето на првиот Меѓународен филмски фестивал доаѓа повеќе од три години откако Кралството го отвори своето прво кино на почетокот на април 2018 година, потег што стави крај на 35-годишната забрана на киното.
Од започнувањето на програмата на Кралството „Визија 2030“ од страна на престолонаследникот Мухамед бин Селман, Саудиска Арабија е сведок на брзи општествени, културни, политички и економски промени.